500.000 години стара гравура

Тим од 21 истражувач ги проучувал стотиците фосилни школки и останатите пронајдоци и седименти од Тринил, археолошко наоѓалиште на Хомо еректус на индонезискиот остров Јава. Школките се дел од колекцијата „Dubois“ која се наоѓа во „Naturalis Biodiversity Center“ уште од крајот на 19-тиот век.

Тие откриле изгравирана цик-цак геометриска шема на една од школките, која со сигурност е постара од промените на школката поради атмосферските појави. Веднаш ја исклучиле можноста дека цик-цак шемата може да поттекнува од животните или од временските услови, со што всушност се покажува дека е дело на Хомо еректус.

Истражувачите од Универзитетот во Амстердам и Универзитетот Вегениген во Холандија, утврдиле дека школката со гравурата е стара минимум 430.000 години и максимум 540.000 години, што значи дека гравурата е најмалку 4 пати постара отколку претходната најстара гравура пронајдена во Африка.

Научниците се’ уште немаат никаква претстава за значењето или целта на оваа гравура, меѓутоа сметаат дека е фантастичен фактот што е откриена во една колекција во музеј каде што се наоѓала повеќе од 100 години.

Ова истражување покажува дека Хомо еректусот бил многу паметен што се однесува на отворањето на школките и укажува на голема умешност и познавање на анатомијата на мекотелите, кои ги јаделе, а празните школки ги користеле како алатки.

Покрај тоа, ни покажува дека Азија е се’ уште недоволно истражена област каде што може да се пронајдат занимливи артефакти.

Школката со најстарата човечка гравура е изложена во музејот „Naturalis“ во Лајден, Холандија од 4 декември.

Поддржете ја нашата работа: