Истражувач од Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT) предлага нов начин за проверка дали некој сателит во орбитата околу Земјата крие нуклеарно оружје. Според студијата објавена во списанието Nature, компактeн сензор поставен на посебен инспекциски сателит би можел со точност до 99 проценти да открие присуство на таков товар.
Темата добива тежина по предупредувањата од американски власти во 2024 година дека Русија можеби развива сателит поврзан со нуклеарно оружје. Тоа се надоврза на лансирањето на сателитот Cosmos 2553 во 2022 година, кој предизвика сомнежи поради својата невообичаена орбита и можната намена.
Нуклеарна експлозија во ниска Земјина орбита би имала сериозни последици. Таа би ослободила огромен број високоенергетски електрони што би можеле да оштетат или уништат голем дел од сателитите, со што би биле погодени телекомуникациите, GPS-системите, сателитскиот интернет и други критични услуги.
Иако Договорот за вселената од 1967 година забранува поставување нуклеарно оружје во вселената, досега нема практичен и јавно опишан научен метод со кој тоа би можело сигурно да се провери. Новиот предлог се обидува токму да ја пополни таа празнина.
Концептот се потпира на физички процес наречен спалација. Кога високоенергетски протони удираат во радиоактивен материјал како ураниум или плутониум, можат да исфрлат голем број неутрони. Истражувачот пресметува дека токму тие неутрони би можеле да бидат сигнал дека во сателитот има нуклеарен уред.
Предложениот систем користи панели со неутронски сензори и дијамантски детектори, со чија помош би се разликувале неутроните што доаѓаат од сомнителниот сателит од природното зрачење во орбитата. Ваквиот распоред би овозможил не само мерење, туку и процена на насоката од која доаѓа сигналот.
Според анализата, ако инспекцискиот сателит се движи на оддалеченост до околу 4.000 метри од целта во текот на една седмица, системот може да постигне многу висока сигурност во откривањето. Ако растојанието се намали на околу 1.000 метри, или ако се користат повеќе сензори, потребното време би можело да се скрати на само неколку часа, па дури и на приближно еден час.
Авторот нагласува дека станува збор за студија на изводливост, а не за целосно развиен оперативен систем. Сепак, трудот има важна порака: според достапните физички пресметки, научно е возможно да се провери дали некој сателит носи нуклеарно оружје. Следниот чекор би биле дополнителни истражувања, инженерска разработка и процена како ваква технологија би се вклопила во меѓународните механизми за контрола.
Ако ваков систем навистина се развие, тој би можел да стане значајна алатка за зачувување на безбедноста во орбитата. Во услови на меѓусебна недоверба меѓу државите, директен физички доказ би имал многу поголема тежина од политички тврдења или разузнавачки процени.
































