Вселенскиот телескоп „Ненси Грејс Роман“ на НАСА можеби ќе собира научни податоци најмалку 22 години, што е повеќе од двојно подолго од првично планираниот десетгодишен век на мисијата.
Подолгиот работен век е можен благодарение на прецизната корекција на траекторијата, дополнителното гориво со кое телескопот бил лансиран и очекуваните заштеди при следните маневри.
Првата корекција, изведена на 31 август, била завршена со прецизност поголема од 99 проценти. За неа биле потрошени околу 18 килограми гориво, наспроти планираните 200 килограми. Самата заштеда би можела да обезбеди приближно уште четири години научна работа.
Телескопот исто така бил полесен од конзервативната проценка користена при планирањето. Наместо предвидените 9.800 килограми, при лансирањето тежел околу 8.056 килограми. Поради тоа, инженерите можеле целосно да ги наполнат резервоарите со гориво, што потенцијално додава уште околу четири години.
Тимот на мисијата очекува и втората корекција на траекторијата, планирана за подоцна овој месец, да бара помалку гориво од предвиденото. Заедно со маневрот за влез во постојаната орбита околу точката L2, тоа би можело да донесе дополнителни заштеди.
„Роман“ се очекува да стигне до L2 околу 100 дена по лансирањето, односно во почетокот на декември. Откако ќе се смести во орбитата, за одржување на позицијата ќе бидат потребни кратки корекции приближно на секои 28 дена. Според сегашните проценки, телескопот би можел да го проучува универзумот најмалку 22 години.
































