Морски биолози од Универзитетот во Орегон открија три нови видови планктонски ларви на кршливи ѕвезди долж брегот на Орегон. Истражувањето опфатило и детални описи на ларви од околу десет видови кои претходно не биле фотографирани или научно опишани.
Истражувачите Никол Нака́та и Ричард Емлет со години собирале микроскопски примероци во близина на Орегонскиот институт за морска биологија. Бидејќи ларвите често изгледаат сосема различно од возрасните животни, тимот користел ДНК-баркодирање за да ги поврзе со соодветните возрасни видови.
Генетската анализа покажала дека дел од ларвите потекнуваат од возрасни кршливи ѕвезди чии популации претходно биле познати само од Британска Колумбија и од подрачјето на заливот Сан Франциско. Тоа укажува дека крајбрежните екосистеми долж западниот брег на Северна Америка се посилно поврзани отколку што се претпоставувало.
Во примероците биле забележани и ларви што прескокнуваат одредени развојни фази. Наместо да се хранат како планктон, тие се потпираат на хранливите материи складирани во големите јајца и директно преминуваат кон младешкиот стадиум.
Истражувањето покажало и дека некои од видовите се размножуваат во зимските месеци. Овие податоци се важни за следење на здравјето на морските екосистеми и за разбирање на влијанието на човековите активности врз нивните живеалишта.
Следниот чекор на Емлет е да испита како феноменот Ел Нињо, кој носи потопли површински води во Тихиот Океан, влијае врз распространетоста и сезонската појава на планктонските ларви. Резултатите би можеле да помогнат во следењето на промените во ареалот на морските видови во услови на затоплување на океаните.
За љубопитноста што нè поврзува.
Вашата донација помага науката да стигне до повеќе читатели.
Ви благодариме што ја поддржувате науката на македонски.




























