Алгоритам помогна мРНК-вакцините да издржат повисоки температури

Истражувачи од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) развија нова формулација што може значително да ја подобри стабилноста на мРНК-вакцините при повисоки температури. Со помош на алгоритам за машинско учење, тие ги оптимизирале липидните наночестички што ја пренесуваат мРНК до клетките.

Вообичаено, овие вакцини мора да се чуваат на температури од -20 до -80 степени Целзиусови, бидејќи мРНК е многу нестабилна молекула. Таквите услови го отежнуваат транспортот и дистрибуцијата, особено во региони без сигурна инфраструктура за ладен синџир.

Новата формулација останала стабилна до една година на собна температура, а можела да се чува и два месеца на околу 38 степени Целзиусови. Истражувачите користеле речиси 50 одобрени помошни супстанции, а алгоритамот ги анализирал резултатите и предлагал оптимални комбинации и соодноси.

Процесот довел до ветувачка формулација за само неколку недели, наместо за повеќе месеци. За проверка, научниците спакувале мРНК со антиген од коронавирусот и ја тестирале кај глувци по складирање на повисоки температури.

Глувците развиле имунолошки одговор споредлив со оној кај животните што примиле вакцина со наночестички слични на формулацијата користена во вакцината на „Модерна“. Истражувачите ја искористиле формулацијата и за цврсти фластери со микроигли, кои исто така предизвикале сличен имунолошки одговор.

Резултатите, објавени во списанието Nature Biotechnology, укажуваат дека пристапот би можел да се примени и кај други мРНК-вакцини и терапии. Сепак, досегашните испитувања се предклинички и се изведени кај животни, па ќе бидат потребни дополнителни истражувања пред евентуална примена кај луѓе.


enauka.mk
9,241наслови од 2014 година

За љубопитноста што нè поврзува.

Вашата донација помага науката да стигне до повеќе читатели.

BTC · DOGE · ETH · SOL
≈ 3,798денари
Вкупно донирано

Донирај за науката на македонски

Избери мрежа за да ја видиш адресата.

Адреса (BTC)
QR-код за крипто адресата

Ви благодариме што ја поддржувате науката на македонски.