Америка по кратка постапка одобри нов лек за рак

Еден нов лек за рак наречен „Venetoclax“ предизвика голема возбуда во медицинските кругови откако Федералната управа за храна и лекови на САД (ФДА), по брза постапка даде одобрение за користење на лекот кај пациенти со хронична лимфоцитна леукемија (ХЛЛ).

ХЛЛ е една од најчестите видови на леукемија кај возрасните, а за време на неодамнешните клинички тестирања, кај 80 проценти од пациентите третирани со „Venetoclax“ е забележана целосна или делумна ремисија на болеста.

Лекот „Venetoclax“ е развиен во Австралија и се зема како таблета. Според извештаите, кај некои од пациентите кои досега биле третирани, не биле забележани никакви несакани ефекти.

Еден од овие пациенти е и Роберт Облак, кој за „ABC“ изјавил дека за време на третманот немал апсолуно никакви несакани ефекти и се чувствувал многу добро.

Облак бил 11-тиот пациент во светот што бил третиран со „Venetoclax“ и по една година од третманот, болеста кај него се повлекла.

Во втората фаза на тестирањето биле вклучени 107 лица постари од 18 години, кои веќе биле подложени на барем еден вид на терапија.

Сите пациенти кои учествувале во тестирањето требало да имаат една специфична хромозомска аномалија во своите леукемични клетки која се нарекува – недостаток на 17p, што значи дека им недостасува дел од хромозомот кој го потиснува растот на ракот.

Секој од пациентите добивал по една таблета дневно, во рок од точно пет недели, почнувајќи со доза од 20 мг. која била постепено зголемувана до 400 мг.

На крајот од тестирањето во кое биле вклучени пациенти и истражувачи од 31 центар во САД, Канада, Велика Британија, Германија, Полска и во Австралија, кај четири од пет пациенти биле постигнати позитивни резултати, а комплетна ремисија е постигната кај еден од пет пациенти.

Резултатите од истражувањето кои беа објавени во списанието „The Lancet“ во јуни, допринеле ФДА да донесе одлука за одобрување на лекот по кратка постапка и да го направи лекот достапен за пациентите во САД.

И покрај тоа што лекот е развиен од истражувачите во „Институтот за медицински истражувања Валтер и Елиза Хал“ во Австралија, лекот сѐ уште не е одобрен за користење на австралиските пациенти, но барањето е веќе поднесено.

„Venetoclax“ еден од лековите од новата генерација имунотераписки лекови за рак, кои се направени да корегираат одредени недостатоци во имунолошкиот систем на пациентот – како што е недостатокот на делот од хромозомите кои ја инхибираат способноста на клетките да се борат против ширењето на ракот.

Кај пациентите со ХЛЛ, малигните клетки не се размножуваат во многу голема мерка, но и не умираат, затоа што е спречен имунолошкиот одговор, а големото количество од протеинот наречен „BCL2“ им помага да се одржуваат во живот.

„Venetoclax“ делува на тој начин што посебно го блокира дејството на „BCL2“ што им овозможува на клетките да умрат на начин на кој што би требало“ – вели за „ABC“, Џон Сејмур од Центарот за рак Питер Меккалун во Мелбурн, кој учетвувал во истражувањата.

venetoclax-action

Значи, наместо да ги убива клетките од ракот, а заедно со нив и дел од здравите клетки кои се во близина, како што е тоа случај при хемотерапијата или радиотерапијата, овој лек  повторно ја воспоставува рамнотежата на имунолошкиот систем во телото, што овозможува клетките од ракот да умираат самостојно.

Ова објаснува зошто некои пациенти, како што е случај со Облак, третманот го поминале без да почувствуваат несакани ефекти.

Сепак, мора да се нагласи дека тоа не се случува секогаш. ФДА истакнува дека во зависност од пациентот, „Venetoclax“ може да даде несакани ефекти меѓу кои: намалување на бројот на бели крвни зрнца, проливи, гадење, анемија, инфекции на горните дишни патишта, намален број на тромбоцити и исцрпеност. Понекогаш може да дојде до сериозни компликации како пневмонија, треска, па и смрт.

За време на тестирњето на „Venetoclax“, од 107-те пациенти, 11 починале, од кои 7 заради прогресија на ракот, а 4 како последица на несаканите ефекти.

Слични резултати се забележани и кај тестирањето на друг сличен имунотераписки лек- „Ipilimumab“ (за лекување на меланом), кој од неодамна е одобрен и во Австралија.

Со извонредните резултати што се постигнти при истражувањата со имунотераписките лекови оваа година, како и најавата за можна „универзална вакцина за рак“, се чини дека ова е само почеток на новата генерација третмани за рак.

Поддржете ја нашата работа: