Како последица на тектонските поместувања, целиот континент Австралија се поместил за 1,5 метри кон север во текот на последните 22 години. Со ова Австралија излегува надвор од синхронизацијата со глобалниот систем за позиционирање (ГПС). За да го реши овој проблем, австралиската влада објави дека географската ширина и должина на земјата офцијално ќе се коригираат за да одговараат на новата положба на земјата.
Австралиските тектонски плочи се најбрзо движечки плочи на планетава, поместувајќи се северно и малку кон исток за околу 7 см секоја година.
Овие движења се причина за создавање на тензија, која со време се ослободува во форма на земјотрес, но најнепосредниот резултат е влечењето на целата копнена маса на Австралија се поблиску до екваторот секоја година. Ова практично значи дека Австралија веќе не е на истото место каде што беше.
Моментално, дигиталните мапи знаат каде би требало да биде вашата земја, врз основа на координатите што ги обезбедува владата. Затоа ако побарате на „Google Maps“, вашиот телефон е во потрага по сигналот испратен од еден од многубројните ГПС сателити што орбитираат околу планетата.
Врз основа на податоците за позицијата што ги добива назад, вашиот телефон може да ја одреди географската должина и ширина и да ве постави на мапата врз основа на официјалните координати на вашата земја.
Меѓутоа, за Австралија овие координати последен пат биле ажурирани во 1994 година, а оттогш континентот се поместил за околу 1,5 метри.
За да се надмине овој проблем властите во Австралија објавија дека официјално ќе ги коригираат координатите во 2017 година, врз основа на проекциите каде ќе се наоѓа Австралија во 2020 г. – односно 2 метри посеверно од сегашната позиција. Ова значи дека за три години овие координати пак ќе бидат надвор од синхронизација, но ќе бидат многу попрецизни од сегашните.
Масивните тектонски поместувања, како што се земјотресите исто така можат да предизвикаат промена на географската ширина и должина на континентот.
Во 2004 година, земјотресот со магнитуда од 8,1степени, што се случи во Тихиот Океан само еден ден пред цунамито во Индискиот Океан, го промени растојанието помеѓу Австралија и Тасманија за неколку милиметри. После минатогодишниот земјотрес во Непал, Хималаите практично се намалија за 1,5 метри.
Нашата планета постојано се движи и затоа е потребно да се најдат начини тие постојано да се следат.