За време на целосното затемнување на Сонцето на 8 април 2024 година, научниците забележале необичен ефект во градовите што се наоѓале на линијата на целосност: тлото накратко станало посмирено. Анализата на сеизмичките податоци покажала јасен пад на вибрациите што вообичаено ги создаваат сообраќајот, градежните активности и секојдневното движење на луѓето.
Наодите биле презентирани на годишниот состанок на Seismological Society of America во 2026 година. Истражувачот Бенџамин Фернандо од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ анализирал податоци од неколку стотици сеизмички станици собрани во текот на април 2024 година, за да утврди дали затемнувањето оставило мерлив потпис во урбаната средина.
Резултатите покажале повторлив образец. Непосредно пред врвот на затемнувањето, во дел од градовите се забележало мало зголемување на сеизмичкиот шум, а кога Сонцето било целосно покриено, вибрациите нагло опаднале. Веднаш по завршувањето на целосноста, нивото повторно се зголемило, на места и над просекот за месецот.
Овој ефект не бил забележан насекаде. Се појавил во урбани средини што биле директно во патеката на целосното затемнување, додека руралните области не покажале слична промена. Ниту градовите што биле блиску, но не и во зоната на целосност, не покажале ист образец. Како пример се наведува Њујорк, каде затемнувањето било околу 97 проценти, но без значителна промена во сеизмичкиот шум.
Според истражувачите, ова е показател дека затемнувањето не било само визуелен настан, туку и момент во кој луѓето накратко ги прекинале вообичаените активности. Бидејќи градовите постојано создаваат мали вибрации, дури и кратко намалување на човечката активност може јасно да се регистрира во сеизмичките записи.
Слично намалување на антропогениот сеизмички шум беше забележано и за време на ковид-затворањата во 2020 година, кога помалата подвижност доведе до значителен пад на вибрациите во многу места. Новата анализа го потврдува истиот принцип: човечкото однесување може директно да се види и во податоците од инструментите што го следат движењето на тлото.
Истражувањето воедно се спротивставува и на честата дезинформација дека затемнувањата можат да предизвикаат земјотреси. Според презентираните податоци, нема докази за таква врска. Наместо геолошки поттик, сеизмичарите гледаат јасен отпечаток од краток општествен застој во момент на редок небесен настан.































