Девет промени во начинот на живот кои можат да го намалат ризикот од деменција

Според наодите на една студија, објавена во списанието „Lancet“ еден од три случаи на деменција би можел да се превенира, доколку луѓето  посветат поголемо внимание на здравјето на  својот мозок во текот на животот.

Се проценува дека сега во светот има 47 милиони луѓе со деменција, додека до 2050 година, над 130 милиони луѓе ќе живеат со оваа состојба.

Според извештајот, сочинет од трудовите на 24 меѓународни експерти, начинот на живот на една индивидуа може да има голема улога во зголемувањето или намалувањето на ризикот од појава на деменција.

Тие издвојуваат девет клучни фактори кои влијаат за развој на деменција:

  • Губиток на слухот во средното животно доба
  • недостаток на образование
  • пушење
  • ненавремено лекување на депресијата
  • физичка неактивност
  • социјална изолираност
  • висок крвен притисок
  • дебелина
  • дијабетес тип 2

„Иако деменцијата се дијагностицира подоцна во животот, промените во мозокот обично почнуваат да се случуваат многу години претходно“– вели професорот Гил Ливингстоун од Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Затоа експертите нагласуваат дека ризик факторите треба да се решаваат во секоја фаза од животот-од детството до староста. Во таа смисла, малдите луѓе ќе имаат корист од образованието. Истражувањата покажале дека лицата што не биле во можност да завршат средно училиште се во поголем ризик од развој на деменција, па авторите на студијата советуваат да се продолжи со едукација во текот на целиот живот за да се зголемат „когнитивните резерви“.

Уште еден ризик фактор е и губитокот на слухот во средното животно доба, што може да доведе до социјална изолација и депресија, кои се меѓу можните фактори за развој на деменција, наведуваат експертите.

Тие истакнуваат исто така дека она што е добро за срцето, добро е и за мозокот.

Живот без цигари, заедно со физичка активност, одржување на нормална телесна тежина, лекување на високиот крвен притисок и дијабетот, можат да го намалат ризикот од деменција, како и од кардиоваскуларни болести и рак, се наведува во студијата.

Студијата е презентирана и на конференцијата на Меѓународното здружение „Алцхаjмер“ во Лондон.

Поддржете ја нашата работа: