Истражувачите направиле уред со помош на кој може да се одрерат 17 болести, само преку хемискиот состав на здивот од човек.
Ова не е прв пат научниците да идентификуваат болести кај пациентите преку здив, но ова е прв уред со кој може прецизно да се врши проверка за повеќе болести, само преку еден единствен примерок од здив.
„Уште од антиката, докторите научиле да ја процеуваат здравствената состојба на пациентите, помеѓу другото и преку испарливите хемиски соединенија (ИОС), кои се поврзани со болестите. На пример, докторите секојдневно ја проверувале миризбата од столицата и урината на новороденчињата од благородниците“- вели Хасам Хаик од Институтот за технологија Технион во Израел.
Ова древна практика истражувачите ја подигнале на повисоко ниво и направиле уред со кој може да се анализира „отечатокот“ што го оставаат различните болести во здивот.
При издишувањето, надвор главно излегуваат азот, јаглерод диоксид и кислород, но има и повеќе од 100 разни испарливи хемиски супстанции.
Количеството на ИОС што се издишуваат, најмногу зависи од тоа колку човекот е здрав, што значи дека преку нивна анализа може да се дијагностицираат разни заболувања или во најмала рака да го натераат докторот да направи проверка и на други симптоми.
Покрај тоа, како што наведуваат истражувачите, анализата на здивот е многу полесна отколку анализата на другите телесни течности.
Уредот бил тестиран на поголем број лица, од кои еден дел биле здрави, а еден дел со веќе дијагностицирани болести.
Биле земени вкупно 2.808 примероци од здивот на 1.404 лица кои имале 17 различни типови болести од три категории (канцерогени, воспалителни и невролошки заболувања) и една група со взаемно неповрзани болести, како и од здрава контролна група.
Се покажало дека секоја од 17-те болести што ја испитувале продуцира различно количество и комбинација од 13 различни ИОС, што им овозможило на истражувачите прецизно да одредат дали пациентот има некоја од следните болести:
- рак на бели дробови
- рак на дебело црево
- рак на главата и вратот
- рак на јајници
- рак на мочниот меур
- рак на простата
- рак на бубрези
- рак на желудник
- Кронова болест
- улцерозен колит
- синдром на иритирани црева
- идиопатска Паркинсонова болест
- атипичен Паркинсонизам
- мултиплекс склероза
- белодробна артериска хипертензија
- пре-еклампсија
- хронично бубрежно заболување
Истражувањето покажало и дека може да се откријат повеќе болести кај едно лице, што значи дека уредот може да се користи за проверка дали лицата кои претходно имале одреден тип на рак имаат и труги тумори или други заболувања.
Истражувачите ќе треба да направат дополнителни истражувања на уште поголем број на лица пред да можат со сигурност да кажат дека уредот е сигурен да се користи во пошироката медицинска заедница.
Крајната цел е да се направи преносен уред со кој ќе може брзо и лесно да се укаже на присуството на голем број болести што ќе помогне да се постави прецизна дијагноза.
Истражувањето е објавено во „ACS Nano“.