Фантастични и скапи: Apple претстави три нови модели на iPhone

Сите гласини за кои читавме минатите неколку дена и месеци се покажаа како точни – Apple вчера претстави три нови модели на IPhone, и нова генерација на Apple Watch, кои како и нивните претходници, ќе привлече милиони заљубеници во оваа компанија и нивната технологија.

После минатогодишниот модел X со OLED екран, за оваа година Apple претстави два уреди со ист екран – iPhone XS со 5,8 инчен екран и најголем iPhone до сега, моделот XS MAX со екран од дури 6,5 инчи. Покрај екранот, од раб до раб, димензиите на овој уред се слични со димензиите на моделот 8 Plus, кој има дијагонала на екранот од “само” 5,5 инчи.

Кога станува збор за моделите XS и XS Max, за кои се вели дека се најубавите модели, акцентот е ставен на чипот и камерата. Новиот 7nm A12 Bionic 6-core процесор е за 15% побрз во однос на минатогодишниот процесор кој го носи моделот Х, натаму потрошувачката е за 40% помала, додека лансирањето на апликации е за 30% побрзо.

Графичкиот процесор е дури за 50% побрз – што ги одушевува гејмерите, а треба да се спомнат и стерео звучниците кои ќе дадат нова димензија во уживањто со музиката, филмовите и игрите.

Двата модели на задната страна имаат 12MP камера со оптичка стабилизација, и 7MP од предната страна. Исто така, новина е и Smart HDR опцијата која поврзува повеќе фотографии во една, со нагласени детали.

Батериите на овие телефони траат час и половина подолго во однос на моделот Х, и овие се првите Dual SIM уреди на Apple, но не на традиционален начин, бидејќи има место за само една картичка.

Овој пат имаме уште еден iPhone, кој доаѓа со 6,1 инчен Retina Liqid LCD, кој се протега од крај до крај и користи Face ID за отклучување.

Моделот XR ќе се продава за 749 долари (основна верзија за 64GB), а во продажба ќе се појави на 26ти октомври, додека од 21ви септември по почетна цена од 999 долари за XS, односно 1099 долари за XS Max ќе бидат достапни модели со OLED екрани.

Како што и беше најавено, новата генерација на паметни часовници сега доаѓа со поголем екран, при што самата големина не е зголемена, туку екранот е продолжен до рабовите и благо заоблен. Часовникот е потенок, но целата технологија и поголемиот екран немаат влијание на траењето на батеријата, која како и минатогодишниот модел, треба да издржи цел ден.

Цената на четвртата генерација на часовници од Аpple изнесува 399 долари, односно 499 за уред со поддршка за LTE, додека цената на минатогодишниот модел изнесува 279 долари.

Поддржете ја нашата работа: