Франција ќе вгради соларни панели во јавните патишта

Владата на Франција најави дека планира да поплочи патишта од 1.000 км со трајни фотоволтаични панели во следните пет години, со цел да се обезбеди обновлива енергија за околу 5 милиони жители, или  околу 8 проценти од француското население.

Проектот е резултат на петгодишно истражување помеѓу француската градежна фирма за патишта „Колас“ и Националниот институт за соларна енергија.

Сепак, Франција не е првата земја која ги прифати соларните патишта. Во 2014 година, брачен пар од САД, преку кампања за групно финансирање, обезбеди два милиони долари за развој на фотоволтаични панели наменети за патишта. Холандија ја направи првата тест патека за велосипеди со вградени соларни панели што се покажа подобра од очекуваното.

Но, ова ќе бидат првите соларни панели инсталирани во јавни патишта, а патентираниот дизајн познат како „Ватвеј“ (Wattway) е уникатен, бидејќи може да се постави на површината на постоечките патишта без тие да се оштетуваат или да се врши реинсталација на постоечката инфраструктура. Друга предност е што 15-сантиметарските фотоволтаични панели се изработени од тенок слој од поликристален силикон и обложени со супстрат од смола што ги прави многу поцврсти. Целата структура е дебела околу 7 мм. Според фирмата „Колас“, уникатната слоевита структура им овозможува на панелите подобро да се прилепат од другите соларни панели наменети за патишта, со што се намалува и ризикот од сообраќајни несреќи за возилата.

Solar

Секако, панелите се водоотпорни – силиконските ќелии се сигурносно обезбедени за да можат да останат суви за време на дожд, а материјалот е толку тенок што му овозможува да се адаптира на температурното ширење на патот. Од страната на „Ватвеј“ посочуваат дека панелите одлично ги поминале тестрањата вршени со машини за чистење на снег, но истакнуваат дека сепак би требало повнимателно да се ракува со овие машини кога се работи за панелите, во споредба со конвенционалните патишта.

Врз основа на претпоставката дека патиштата се покриени со возила само 10 проценти од времето, за време на останатите сончеви часови панелите ќе собираат сончева енергија и проценките на компанијата се дека 20 квадратни метри од панелите ќе обезбедуваат доволно енергија за потребите на едно домаќинство, со исклучок на греењето.

Планот за покривање на 1.000 км. од постоечките патишта беше обелоденет минатата недела од страна на францускиот министер за екологија, одржлив развој и енергија, иако се’ уште нема најава на кои патишта ќе бидат поставени панелите, па ќе треба да почекаме да видиме колку ова ќе биде ефикасно на терен.

Сепак, сѐ уште постои загриженост дека генерално концептот за соларни патишта нема да биде исплатлив, ефикасен и доволно безбеден за да биде фаворит во трката за обновлива енергија, особено во однос на кровните панели. Иако овие примедби се оправдани, сепак ќе биде возбудливо да се види како ќе се одвива овој нов проект. Секој чекор кон инсталирање на обновлива енергија претставува напредок, а секој екперимент со нови технологии ќе биде доближување до начинот кој најдобро ќе функционира.

Поддржете ја нашата работа: