Хемикалија од австралиски морски полжав моќен лек против рак

Според едно ново истражување, една хемикалија што ја содржи едeн морски полжав што се среќава по должината на источниот брег на Австралија, покажува извонредна моќ во борбата против ракот.

Молекулите што се откриени во јајцата на овој морски полжав, не само што успешно се справуваат со нормалните канцерски клетките, туку се покажале и како силни убијци на лимфомите и саркомите на утерус кои се отпорни на хемотерапија.

Истражувачите од Универзитетот во Волонгонг веруваат дека оваа класа на молекули ќе биде ефикасна и во борбата против ракот на дојка, простата и дебелото црево.

Отпорноста кон лековите е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат научниците – особено отпорноста кон хемотерапијата. Тоа значи дека научниците се постојано во потрага по нови хемиски состојки и лекови за борба против оваа отпорност.

Во 2002 година, во соработка со Универзитетот Саутерн Крос, научниците откриле дека јајцата од овој морски полжав имаат изненадувачки медицински својства. Но, дури неодамна тие откриле дека оваа хемикалија може да биде ефикасна и против ракот отпорен на хемотерпија.

Според доктор Сара Пероу, оваа хемикалија наречена „N-alkylisatins“ во лабораториски услови убива 100 проценти од канцерските клетки отпорни на хемотерапија во рок од само 48 часа.

„Кога ова го споредивме со лекот Доксорубицин што клинички се користи против клетките на ракот, откривме дека лекот ефикасно може да убие само 10 проценти од овие клетки“- вели д-р.Пероу.

Со постепено подесување, научниците успеале да ја зголемат моќта на хемикалијата за 1.000 пати.

Следниот чекор е да се направат овие молекули безбедни за користење кај човекот.

„Бараме начин молекулите да ги ставиме во наночестички за да станат нетоксични и безбедни за инјектирање. Ќе бидат потребни 5 до 10 години пред лекот да стане достапен за употреба, но тоа ќе зависи од финансиите и од успехот што лекот ќе го постигне при испитувањата на луѓе“- вели д-р. Пероу.

Извор: ABC News

Поддржете ја нашата работа: