Илон Маск тврди дека луѓето се изложени на ризик да и станат безгласни „домашни миленичиња“ на вештачката интелигенција, освен ако во нашите мозоци не имплантираме технологија која ќе ни помогне да се натпреваруваме со машините на иднината.
Во својот јавен говор, како и на твитер минатата недела, Маск објави дека „невронска врвца“, што во основа претставува мозочен имплант што може да ја зголеми природната интелигенција, преку поврзување со компјутерите, ќе биде клучот да го одржиме нашиот авторитет како врста.
Маск е еден од најголемите поддржувачи на вештачката интелигенција (ВИ), но тој без двоумење досега ја изразуваше својата загриженост околу иднината на машинското учење. Тој заедно со Стивен Хокинг и десетина други истражувачи напиша отворено писмо за неопходноста да се истражува општественото влијание на ВИ.
Неговата најголема загриженост е дека ВИ еден ден ќе стане попаметна од луѓето – што може да е добро ако ВИ се употребува како помош при лекување на болести и решавање на глобални проблеми, но тоа значи дека би можело еден ден машините да почнат да нѐ сметат само за нешто малку повеќе од симпатични безгласни домашни миленичиња.
И тоа, во најдобар случај! Најлошото сценарио би било, на овие машини да им дојде преку глава од сиот отпад и CO2 што го создаваме, па да решат едноставно да нѐ елиминираат – во стилот на Терминатор.
Терминот „невронска врвца“ за прв пат го употребил писателот на научно-фантастични романи Иан М.Бенкс и во основа претставува мрежа која се имплантира и зараснува во мозокот и овозможува невроните да бидат програмирани и зајакнати.
Целта е човечкиот мозок да се поврзе со компјутерите што ќе му овозможи да одржува чекор со нивната интелигенција, а потенцијално дури и да ги надмине.
Ова звучи прилично футуристички, но научниците веќе работат на инјектирање на нови клетки во човечкиот мозок, со цел да ги подоброт, а минатата година научниците и практично успеаа да внесат невронска мрежа во мозокот на глувци што беше првиот чекор кон креирање на невронска врвца. Според Илон Маск, би требало сѐ повеќе компании да се приклучат кон ова, а сите ние да почнеме да размислуваме за вакво нешто.
Но, како би функционирала невронската врвца кај луѓето? Маск признава дека хируршката интервенција на мозокот би била ризична, но вели дека, во иднина, мрежата би можела да се инјектира „во југуларната вена“, а потоа преку крвотокот да дојде до черепот.
Ова воопшто не изгледа забавно, но ако алтернативата е да и бидеме домашно милениче на машина, тогаш можеби и не е толку страшно.
И ако сѐ уште не ве заболе главата, еве уште нешто. Маск смета дека има помалку од „еден спрема милијарда“ шанси дека веќе не сме сите играчи во видео игра на некоја напредна цивилизација.