Климатските промени и квалитетот на воздухот не можат да се разгледуваат одделно, предупредува новиот извештај на Светската метеоролошка организација (СМО). Почестите топлотни бранови и шумските пожари го зголемуваат загадувањето, со последици за здравјето на луѓето и екосистемите.
Извештајот повикува на подобро и постојано следење на ситните честички, приземниот озон и аеросолите, меѓу кои црниот јаглерод и микропластиката. Овие загадувачи се широко распространети, но за нив сè уште нема доволно набљудувања.
Честичките PM2.5 се помали од 2,5 микрометри и можат да навлезат длабоко во белите дробови и крвотокот. Потекнуваат од индустријата, земјоделството, греењето во домаќинствата, сообраќајот, пожарите и прашината.
Во 2025 година, концентрациите на PM2.5 биле над долгорочниот просек во северна Канада, делови од Русија и западно-централна Африка, главно поради засилената активност на пожарите. Северозападна Шпанија исто така била погодена од исклучително силни пожари, додека во Амазонија горењето било помало од претходните години.
Кина продолжила да бележи пониски нивоа на PM2.5, што се поврзува со намалувањето на емисиите од човековите активности. Во Индија, пак, нивоата останале над просекот поради согорувањето биомаса и други извори на загадување.
Екстремните пожари се особено загрижувачки бидејќи нивниот чад може да биде потоксичен од честичките од вообичаените извори. Според една студија цитирана во билтенот, екстремните епизоди со чад од пожари се тројно почести во светот отколку во 1990-тите и можеби придонеле за речиси 100.000 дополнителни смртни случаи годишно во периодот 2010–2018. Други истражувања укажуваат дека конвенционалните модели можат значително да го потценат ризикот од смрт поврзан со чадот од пожари.
Топлотните бранови го влошуваат и загадувањето со приземен озон. Високите температури, слабата циркулација на воздухот и силното сончево зрачење го поттикнуваат неговото создавање, а долготрајната изложеност е поврзана со зголемен ризик од респираторни заболувања, предвремена смрт и штети врз земјоделството и природата.
Аеросолите можат да патуваат преку континенти и океани, да го менуваат однесувањето на сончевото зрачење и да загадат оддалечени подрачја. Црниот јаглерод што се таложи на снегот и мразот ја намалува нивната рефлективност и може да го забрза топењето, додека микропластиката се шири низ атмосферата, почвата и океаните.
СМО заклучува дека климатските и политиките за квалитетот на воздухот треба да се планираат заеднички. Подобро следење на загадувачите и мерки за ограничување на емисиите ќе бидат клучни за заштита на јавното здравје во услови на сè почести топлотни бранови и пожари.
































