Квасец би можел да помогне во 3Д-печатење куќи на Марс

Научници развива материјал за 3Д-печатење кој комбинира марсовски карпи со желатин и генетски модифициран квасец. Според истражувањето објавено во списанието Chem Circularity, материјалот би можел еден ден да се користи за изградба на засолништа на Марс.

Марсовската површина е исклучително неповолна за градење: температурите се многу ниски, притисокот е речиси нулт, а радијацијата е силна. Транспортот на големи количества градежен материјал од Земјата би бил скап и енергетски сложен, па истражувачите се обидуваат да користат локални ресурси.

Во новиот пристап, песокот или реголитот од Марс обезбедува маса и цврстина, желатинот ги поврзува состојките, а квасецот е обложен со лепливи протеини слични на оние што им овозможуваат на школките да се прицврстат за карпи.

Кога смесата се истиснува низ млазницата на 3Д-печатач, студот и нискиот притисок предизвикуваат процес сличен на сушење со замрзнување. Водата преминува од мраз директно во пареа, оставајќи микроскопски пори и создавајќи лесен, пенест материјал.

Досегашните тестови произведоа мали куполи високи 45 милиметри и широки 30 милиметри. Сепак, материјалот покажал јакост на притисок од 10 до 12 мегапаскали, што е споредливо со бетон со пониска цврстина.

Една од главните предности е можноста за рециклирање. Квасецот би можел да се извлече од урнати или непотребни конструкции, да се размножи во биореактори и повторно да се употреби за изградба. Така, материјалот би придонел за поодржлива и покружна економија на идната марсовска база.

Сепак, технологијата е сè уште во рана фаза. Материјалот е испитан само на Земјата, а не е познато дали квасецот би преживеал во вистинските марсовски услови. Дополнително, процесот и понатаму бара состојки од Земјата, додека за практична примена ќе бидат потребни и значителни количества товар и понапредна ракетна технологија.