Минатата година, парче од глечерот „Pine Island“ големо 583 километри квадратни, што претставува голем дел на мраз кој ја држи ледената покривка на Западниот Антарктик заедно, се скрши самостојно, упатувајќи се во океанот за евентуално да се стопи и да го подигне нивото на море во целиот свет.
Сега, новите докази од сателитските снимки укажуваат на тоа дека ова одвојување било предизвикано од пукнатина на гребенот долга 32 километри, во внатрешноста, што всушност значи дека глечерот се распаѓа одвнатре, а не од периферијата, како што долго време сметаа научниците. И што е уште полошо, наводно се формира уште една, втора внатрешна пукнатина.
Оваа нова пукнатина се формира во центарот на глечерот „Pine Island“ последните неколку месеци, па истражувачите се загрижени за како тоа ќе влијае на глобалното ниво на морињата во иднина.
„Општо е прифатено дека прашањето не е дали мразот од Западниот Антарктик ќе се стопи, тука кога ќе се случи тоа“ – вели истражувачот Иан Ховат од Државниот Универзитет во Охајо.
Па, како еден гребен од мраз формира пукнатина во внатрешноста?
Тоа е многу едноставно. Топлата морска вода се влева во пукнатините на мразот, загревајќи го одоздола. Со текот на времето, оваа топла вода се повеќе го намалува мразот, правејќи пат до скриената пукнатина, се додека не се оддели голем дел од мразот.
Тимот беше во можност да дојде до овие заклучоци благодарение на податоците собрани од сателитот „Landsat 8“ – заеднички проект на НАСА и Геолошкиот институт на САД, лансиран во 2013 г. за следење на промените на земјината површина.
Ова откритие на тимот е од клучно значење за разбирање на тоа како плочите на мраз се топат како што нашата планета станува се потопла и потопла.
Според тимот, околу половина од слатката вода во светот е затворена во Антарктикот и глечерот „Pine Island“. Заедно со својот „близнак“ глечерот „Thwaites“, овие два глечери се од витално значење за држењето на оваа вода заробена, бидејќи тие блокираат струи од мраз од надворешниот свет.
Ова значи дека доколку двата, па дури и само еден од овие глечери попушти, еден куп на заробен мраз ќе надојде во потоплите океански води каде што ќе се растопи.
Доколку тоа навистина се случи, нивото на морето ќе се зголеми за очекувани 3 метри во целиот свет, со што многу крајбрежни градови како Њујорк и Мајами ќе бидат загрозени.
„Треба да разбереме како овие пукнатити точно се формираат, и што точно значат за стабилноста на ледените гребени. Ограничени сме со информациите кои ги добиваме од вселената, па можеби ќе треба да се преземат насочувања од воздухот и истражувања на терен за да се соберат повеќе детални информации“- објаснува Ховат.
Доколку топењето на мразот на Западен Антарктик навистина е неминовно, можеме само да се надеваме дека ќе можеме да се справиме со последиците.
Работата на тимот е објавена во „Geophysical Research Letters“.