Магматскиот резервоар под јапонската калдера Кикаи повторно се полни

Научници открија дека магматскиот резервоар поврзан со најголемата вулканска ерупција во холоценот повторно се полни. Откритието, предводено од истражувачи од Универзитетот во Кобе, нуди нов увид во тоа како со текот на времето се развиваат огромни калдерски системи како Јелоустоун и Тоба и може да придонесе за подобро предвидување на идни ерупции.

Некои вулкански ерупции се толку моќни што исфрлаат доволно магма за да покријат огромни површини со километри материјал. По ваков настан, теренот колабира и се создава широка, релативно плитка кратерска структура позната како калдера. Меѓу најпознатите примери се Јелоустоун во САД, Тоба во Индонезија и претежно потопената калдера Кикаи во Јапонија. Последната голема ерупција на Кикаи се случила пред околу 7.300 години и се смета за најсилната ерупција во тековната геолошка епоха, холоценот.

Иако научниците знаат дека ваквите системи можат повторно да еруптираат, сè уште многу малку се знае за процесите што водат до нивно повторно активирање. Според геофизичарот Нобуказу Сеама од Универзитетот во Кобе, за да се разбере како настануваат гигантските калдерски ерупции, мора да се разбере и како се акумулираат толку големи количества магма.

Подводната положба на Кикаи им овозможила на истражувачите систематски и обемни мерења. Во соработка со Јапонската агенција за морска и геонаучна технологија (JAMSTEC), тимот користел воздушни топови за создавање контролирани сеизмички импулси, додека океански сеизмометри го следеле движењето на брановите низ Земјината кора. Така научниците добиле детална слика за структурите под калдерата.

Резултатите, објавени во списанието Communications Earth & Environment, потврдуваат постоење на голема зона богата со магма директно под местото на древната ерупција. Истражувачите успеале да ја мапираат големината и формата на резервоарот и да ја утврдат неговата поврзаност со минатата активност. Според тимот, поради неговата положба и размер, јасно е дека станува збор за истиот магматски систем што учествувал и во претходната ерупција.

Сепак, магмата што денес се наоѓа таму најверојатно не е остаток од древниот настан. Научниците и претходно забележале дека во центарот на калдерата, во последните 3.900 години, се формира лавин купол. Хемиските анализи покажуваат дека овој понов материјал се разликува од оној исфрлен при ерупцијата пред 7.300 години. Тоа укажува дека магмата во сегашниот резервоар најверојатно е ново вбризгана од подлабоки делови на системот.

Овие сознанија ја поддржуваат пошироката идеја дека магматските резервоари под големите калдерски вулкани постепено се обновуваат преку нови дотури на магма. Ваквиот модел се совпаѓа и со набљудувањата кај други големи калдери, вклучувајќи ги Јелоустоун и Тоба.

Истражувачите сметаат дека ваквите студии би можеле да помогнат за подобро разбирање на циклусите на снабдување со магма по масивни ерупции. Крајната цел е да се усовршат методите за следење на клучните сигнали што би можеле да предупредат на идни џиновски ерупции.

Истражувањето било финансирано од јапонското Министерство за образование, култура, спорт, наука и технологија (MEXT) и од Јапонското друштво за промоција на науката, а спроведено е во соработка со JAMSTEC.