Научниците набљудувале една пукнатина на еден од најголемите ледени гребени на светот и известуваат дека само во последниве 5 месеци, пукнатината пораснала за 22 километри во должина, и сега се протега на вкупна површина од 130 километри.
Тоа значи дека е само прашање на време кога ќе се одвои големо парче од овој антарктички леден гребен, познат како „Larsen C“, и тогаш ќе ја имаме третата најголема загуба на антарктички мраз во нашата историја.
Лоциран на брегот на Антарктикот, ледениот гребен „Larsen“ е поделен на три помали гребени – „A“, „B“ и „C“. Првите два веќе масивно се намалија во изминативе две децении, а сега и третиот, воедно и најголемиот, го има истиот проблем.
Експерите очекуваат да се одвои околу 12% од целиот леден гребен „Larsen C“, поради што останатиот дел од гребенот може да стане нестабилен и да се распадне, следејќи го примерот на соседниот леден гребен „Larsen B“ кој во 2002 година загуби парче мраз со големина на Роуд Ајленд.
Сега зафаќа површина од 1.600 квадратни километри и се очекува да се распадне до крајот на деценијата. Тоа е катастрофално, особено кога ќе се земе предвид фактот дека „Larsen B“ беше стабилен во последните 12.000 години.
„Larsen A“ се распадна во јануари 1995 година, а сега истата судбина го очекува и „Larsen C“.
За да имате претстава за колкава површина станува збор – „Larsen C“ зафаќа површина од околу 55.000 квадратни километри, што е 10 пати поголемо од „Larsen B“, и околу половина од големината на Исланд. Експертите предвидуваат дека ќе се оддели парче со големина од околу 6.000 квадратни километри.
Доколку „Larsen C“ на крајот целосно се распадне, научниците предвидуваат дека морското ниво ќе се зголеми за околу 10 см. на глобално ниво.