Истражувачите од МИТ успеале да елиминираат некои од симптомите на аутизам кај глувци, едноставно преку активирање на еден ген. Иако има уште доста време пред техниката да се испита на луѓе, првичните резултати влеваат надеж дека со сличен пристап може да се елиминираат некои од најфрустрирачките симптоми кај луѓето со аутизам, независно од возраста.
Аутизмот е сложено генетско пореметување. Научниците со децении се обидуваат да ја одгатнат сложената мрежа од гени кои придонесуват за развој на оваа состојба, која стана 10 пати почеста во последните 40 години. Иако поголемиот дел сѐ уште е непознат, се знае дека отприлика кај еден процент од лицата со аутизам недостига генот наречен „Shank3“, кој е клучен за развојот на мозокот. Без овој ген, лицата развиваат симптоми типични за аутизам, меѓу кои повторливо однесување и нарушување во комуникацијата и социјлизацијата.
За потребите на истражувањето, научниците генетски модифицирале глувци каде генот „Shank3“ бил исклучен за време на ембрионалниот развој. Откриле дека мозочните клетки кај глувците не се развивале правилно, особено во делот од мозокот познат како стриатум, а овие глувци покажувале однесување карактеристично за аутизам – анксиозност, компулсивно повторливо однесување и нарушена комуникација.
Кога истражувачите повторно го вклучиле истиот ген кај млади глувци (стари од 2 до 4,5 месеци), забележале драматични промени во однесувањето- глувците многу повеќе комуницирале помеѓу себе и многу помалку покажувале повторливо однесување. Ова било постигнато само со тоа што на глувците им бил даден тамоксифен – лек кој се користи за рак на дојка.
Сепак, некои од симптомите поврзани со моторната координација и анксиозноста не биле елиминирани. Научниците откриле дека ова би можело да се смени само ако генот „Shank3“ се вклучи во раниот период од животот – само 20 дена по раѓањето. Ова укажува дека постои критичен период во којшто сѐ уште може да се променат одредени однесувања кои се карактеристични за аутизамот.
Научниците сега се обидуваат попрецизно да утврдат кога се случува ова, за да можат да ги елиминираат симптомите кај поширок број лица со аутистични сиптоми, а не само кај еден процент од нив кај кои недостасува генот „Shank3“.
Има уште многу работа пред да може овој третман да се испроба на луѓе, а секако и мозокот кај глувците не е ист со човечкиот мозок. Но, познато е дека голем број од генетските патишта кои се поврзани со развојот на аутизмот се многу слични. Затоа е многу возбудлива помислата дека е возможно истиот пристап да се користи за да им се помогне на луѓето со аутизам.
Истражувањето е објавено во „Nature“.