Можно прво откривање на егзомесечина отвора нови космички дилеми

Набљудувањата со Very Large Telescope (VLT) на Европската јужна опсерваторија укажуваат на објект со маса најмалку колку Јупитер, кој орбитира околу кафеаво џуџе во системот CD-35 2722. Доколку наодот биде потврден, тоа би можело да биде првата убедливо откриена егзомесечина – природен сателит надвор од Сончевиот систем.

Системот е необичен и тешко се опишува со поимите што ги користиме во Сончевиот систем. Ѕвездата CD-35 2722 има околу половина од масата на Сонцето, околу неа орбитира кафеаво џуџе со маса поголема од 30, односно приближно 37 пати поголема од масата на Јупитер, а околу кафеавото џуџе се движи новооткриениот објект.

Кафеавите џуџиња се премасивни за да се сметаат за планети, но немаат доволно маса за да одржуваат нуклеарна фузија како вистинските ѕвезди. Новиот објект, пак, е доволно масивен за да личи на планета, но не орбитира директно околу ѕвезда. Затоа истражувачите го нарекуваат егзосателит или егзомесечина, иако неговата големина и состав значително се разликуваат од месечините во нашиот систем.

Тимот предводен од Кевин Хој од ESO користел инструментот CRIRES+ на VLT и ја применил методата на радијални брзини. Таа овозможува да се забележат ситни поместувања во движењето на кафеавото џуџе, предизвикани од гравитациското влијание на објектот што го придружува.

Астрономите со години бараат месечини околу егзопланети, но досега ниту една не е потврдена со целосна сигурност. Резултатите од CD-35 2722 претставуваат силен кандидат, но се потребни дополнителни набљудувања за да се исклучат други можни објаснувања.

Идниот Extremely Large Telescope (ELT) на ESO, со огледало од 39 метри и напредни инструменти, би можел да помогне во откривањето на уште помали егзомесечини. Таквите наоди би можеле дополнително да ги променат нашите претстави за тоа каде завршува планетата, а каде започнува месечината.