И покрај зголемувањето на буџетот на НАСА за 2016 година на 19.3 милијарди долари, што е за околу 1,2 милијарди поголем од буџетот за 2015 година, НАСА најверојатно ќе мора да ја одложи следната мисија на Марс која беше планирана во 2016 година.
Претстојната мисија на НАСА за мерење на внатрешните геофизички својства на Марс позната како „Insight“, ќе го пропушти прозорецот за лансирање во 2016 година, поради хардверски проблем во научниот инструмент, кој за НАСА го произведува француската вселенска агенција.
Не е можно да се изведе лансирање кон Марс во кое било време, туку постои таканаречен „прозорец“ кој е отворен на секој 26 месеци, па според тоа следното лансирање на оваа мисија може да биде најрано во средината на 2018, што претставува задоцнување од над две години.

Инструментот кој е во прашање треба да врши Сеизмички Експерименти за внатрешната структура (SEIS), и е еден од двата главни научни инструменти на оваа мисија. Тој е наменет за мерење на многу мали сеизмички активности на Марс со цел да се утврди внатрешната структура на планетата. За да се постигне бараната чувствителност потребна за мерењето, инструментот мора да работи во вакуум со притисок кој не смее да биде поголем од 1/1000 на милибар, или во превод тоа е само околу еден милионити дел од атмосферскиот притисок на Земјата.
Иако самиот инструмент работи совршено, проблемот е во одржувањето на вакуумот. „Од август минатата година се бориме со серија на протекувања”, вели Џон Грансфелд, помошник администратор на Дирекцијата на НАСА. „Мислевме дека проблемите се решени, но вчера за време на финалните термички тестирања откривме дека се уште протекува. Со ваква стапка на течење, инструментот воопшто нема да работи“.
Повеќе информации за оваа мисија можете да најдете на следниов линк.