Во таа насока вселенската агенција го објави својот план од три фази, со кој треба да се реализира првата мисија со човечки екипаж на Марс, планирана за 2030 година.
Првата фаза (којашто се нарекува Earth Reliant), веќе е во тек и ги опфаќа истражувачките проекти што се одвиваат на Меѓународната вселенска станица (МВС), за да се види како долгорочниот престој во вселената влијае на човечкото тело. Марс е околу 140 пати подалеку од Земјата отколку што е Месечината, и со капацитетите на постоечката технологија, ќе бидат потребни најмалку 150 дена да се стигне до таму.
Другите експерименти што се одвиват на МВС ги опфаќаат 3Д печатењето, напредните комуникациски системи и операциите што се одвиваат надвор од вселенскиот брод. Целта е да се создадат технологии што на човекот ќе му овозможат подолг престој во далечниот универзум.
Во втората фаза (Proving Ground) – како што стои во официјалниот документ, „НАСА ќе учи да спроведува комплексни операции во далечните простори, што ќе им овозможат на екипажите да се вратат на Земјата во рок од само неколку дена“. Повеќето од овие фази ќе бидат лоцирани во просторот што се нарекува цислунарен простор, а тоа е вселенскиот простор околу Месечината.
На листата на цели на НАСА во втората фаза е и ново живеалиште во далечните простори, покрај МВС, како и тестирање на нови вселенски лансирни системи. Овие ракети и придружниот вселенски брод Орион, би требало да им овозможат на луѓето да стигнат подалеку во вселената од кога било порано, а лансирањето е зацртано за 2018 година. Преку овие две фази НАСА сака да им овозможи на астронаутите, вселенските станици и ракетите да ја намалат својата зависност од Земјата, иако, брзо враќање на Земјата ќе биде возможно, ако за тоа има потреба.
Третата фаза (Earth Independent), подразбира мисии со човечки екипаж на месечините на Марс, а со време и на површината на самата планета. Кога ќе се стапне на Црвената планета, ќе почнат експерименти и тестирања, за да утврди како најдобро да се воспостават услови за живот. Во оваа фаза, мисиите би требало да бидат самоодржливи, со минимална зависност од луѓето на Земјата.
Се разбира, постојат многу предизвици што треба да се надминат при реализацијата на овој план – од усовршување на технологјата што треба човекот да го однесе до Марс, па се до обезбедување услови за астронаутите да останат здрави на овој пат. Но, НАСА е цврсто решена да опстои на својот план вселенските мисии на Марс наскоро да станат реалност.