НАСА во потрага по вонземјани

Вселенската агенција состави тим од експерти од сите научни области, од некои од водечките национални универзитети и истражувачки институти кој ќе утвдува дали на некоја од повеќе од 1 000 –та планети откриени надвор од нашиот Сончев систем има услови погодни за живот.

Иницијативата е наречена „Нексус за егзопланетарна системска наука“ (Nexus for Exoplanet System Science (NExSS)) и спојува научници од областа на геолошките науки, планетарните науки, астрофизичари и хелиофизичари.

Овој потег доаѓа само после неколку недели откако врвните научници од НАСА предвидоа дека човештвото во рок од една деценија ќе има индиции, а во рок од 20 до 30 години ќе има и дефинитивни докази за живот надвор од Земјата.

Во тимот ќе бидат вклучени научници од 10 универзитети меѓу кои од Стенфорд, Универзитетот во Калифорнија, Беркли, Јеил, Пен Стејт и Аризона, како и два истражувачки институти и три организации во рамките на НАСА – Годард Институтот за вселенски истражувања, Истражувачкиот центар Амес и лабораторијата Џет Пропулжан.

Тим од научници ќе ги испитува хемиските елементи што се откриени во други светови, како кислород и метан, за да утврди дали се продукт на биолошки процеси. Група од климатолози ќе ја користи светлината што поминува низ атмосферата на егзопланетите, за да видат дали можат да најдат услови кои овозможуваат живот.

Тимот од Универзитетот Јеил ќе дизајнира нови спектрометри, кои ќе служат за испитување на планетите околу блиските ѕвезди. Покрај тоа, тие ќе работат на нов интерфејс на веб страната „Планет Хантерс“ (Planet Hunters), кој ќе им овозможи на „граѓаните научници“ од целиот свет да бараат планети користејќи ги податоците од вселенскиот телескоп Келер на НАСА.

Кеплер, кој беше лансиран 2009 година, има опрема за детектирање на знаци од планети околу други ѕвезди. Од 1 830 –те планети детектирани надвор од Сончевиот систем, над 1 000 биле откриени од Кеплер, како и 4 000 други кандидати.

Секој кој сака да се вклучи во потрагата по нови светови може да почне со тоа што прво ќе ја посети веб страната „Планет Хантерс“. Досега, граѓаните научници, имаат откриено повеќе од 100 планети, вклучувајќи и голем број во зоната погодна за живот, велат од НАСА.

Поддржете ја нашата работа: