Непроценлива штета: Во пожар уништен Националниот музеј во Бразил

Голем пожар завчера го зафати Националниот музеј во Рио де Женеиро, еден од најстарите музеи во Бразил кој постои 200 години, а се претпоставува дека се уништени огромен број артефакти – од археолошки пронајдоци до историски документи.

“Уништената зграда и колекцијата се непроценлива загуба за Бразил”, рече претседателот Мишел Темер.

“Денес е трагичен ден за Бразил. 200 години работа, истражувања и знаење се изгубени”, додава тој.

Засега нема податоци за точните работи кои што изгореле во пожарот, а нема ни информации за жртви или повредени. Портпаролот на пожарната служба вели дека некои експонати од музејот сепак се спасени.

Телевизиските снимки од пожарот, кој избувнал во неделата откако музејот бил затворен за посетители, покажуваат дека тој зел замав во текот на ноќта.

Пожарот, чиј причинител засега не е познат, започнал околу 19:30 часот по локално време, односно малку пред полноќ по средноевропско време.

Музејот е основан во 1818 година, а во него се наоѓаат неколку клучни колекции, вклучувајќи ја египетската колекција, грчко-римските артефакти, палеонтолошката колекција во која се наоѓа и костур од диносаурус пронајден во регионот на Минас Гераис, како и најстариот човечки фосил, пронајден во Бразил. Музејот вкупно поседува повеќе од 20 милиони вредни предмети.

“Досега никогаш не сме добиле ништо од владата. Неодамна го завршивме договорот со државната банка за развој нс големата инвестиција, со цел конечно да ја обновиме палатата, а што е најиронично, планиравме да инвестираме во систем за заштита од пожари”, вели Луиз Дуарте, подпретседател на институцијата.

Поддржете ја нашата работа: