Откријте ги симптомите на најчестите форми на рак

Гледано по тоа кој вид на рак погодува најголем број на мажи и жени во западните земји, ракот на дебелото црево стана најголемо чудовиште.

Колоректалниот карцином е еден од првите две водечки причини за смрт поради малигни болести во развиените земји, и покрај фактот дека оваа болест може да се излекува со хируршка интервенција, доколку дијагнозата е поставена во рана фаза, велат експертите. Моменталните терапии за ова малигно заболување вклучуваат операција, хемотерапија, биолошка терапија и зрачење.

За жал, симптомите за рак на дебело црево не секогаш можат да бидат јасни и скоро секогаш се мешаат со симптоми кои водат кон други состојби. Она што е загрижувачко, е фактот дека се повеќе млади заболуваат од овој вид на карцином, првенствено поради нездравите навики во исхраната и седечкиот начин на живот. Експертите, како главни виновници за ваквата состојба ги наведуваат храната богата со животински масти, а сиромашна со влакна и дебелината.

Симптоми на развој на болеста кај кои е неопходен лекарски преглед:

– Нарушување на цревната функција – епизоди на дијареа, констипација

– Постојано чувство на надуеност

– Промена во навиките на празнење на цревата

– Крв и слуз во столицата

– Црна столица

– Анемија

– Губење на телесната тежина

– Замор

– Болки во абдоменот

Тука може да го пресметате ризикот од добивање на рак на дебело црево.

За развојот на рак на дебело црево треба многу време, но за среча во најголемиот број на случаеви, може да се спречи со релативно едноставна постапка за отстранување на полипи од дебелото црево – колоноскопија.

Многу е важно, после 50 години да се прават тестови на скриена крв во столицата на секои две години, а доколку наодите се позитивни, се прави колоноскопски преглед.

Доколку имате некој од вашите крвни сродници, кои боледувале од рак на дебело црево или некои од наследните полипозни синдроми, овој преглед треба да се направи порано. Навистина се малку случаевите на заболени од рак на дебело црево на возраст помеѓу 25 и 30 години, но инциденцата се зголемува на 40 годишна возраст.

Поддржете ја нашата работа: