Покачувањето на морското ниво се чини дека е причина за исчезнување на еден вид на глодар кој живее на еден остров од Големиот корален гребен. Ова е првиот документиран случај на истребување на некој вид цицач како последица на климатски промени предизвикани од човекот.
Се работи за цицачот што се нарекува „Bramble Cay melomys“(melomys rubicola), кој има слична големина како мал стаорец, долга опашка и црвенкасто-кафеава кожа.
Се смета за единствен ендемичен, или нативен цицач на Големиот корален гребен, кој живее на мал остров во североисточниот дел на Торесовиот теснец, помеѓу Квинсленд, Австралија и јужниот брег на Папуа Нова Гвинеја.
Во 1970-тите години, овој глодар бил застапен во голем број на островот, но популацијата нагло се намалила во последните децении, поради што бил ставен на листата на загрозени видови. Последен пат на островот биле забележени во 2009 година.
Од август до септември 2014 година – во обид да ги забележат и пребројат, истражувачите спровеле темелно истражување користејќи стапици, камери и дневно пребарување, но без успех, што ги довело до заклучокот дека најверојатно овие цицачи изумреле.
„Клучен фактор за смртта на овој цицач е зголемениот прилив на морската вода која навлегла на копното на островот“ – вели Лука Ленг, научник и ко-автор на истражувањето од Универзитетот во Квинсленд, за „The New York Times“.
Се верува дека морската вода ги уништила живеалиштата на овие мали животни. Во март 2014 година, површината на островот погодна за живот достигнала најмала можна точка, а засолништата што ги користеле животните, како пештерите и пукнатините во карпите почнале да исчезнуваат.
Ова предизвикало и проблеми со храната. Иако нивната исхрана не е доволно истражена, се верува дека храната на овие глодари е главно вегетаријанска и морале да се борат за храна со морските птици и желките.
Многумина веруваат дека ова изумирање е само мал дел од многу поголем проблем. Климатските промени претставуваат огромен проблем за многу видови ширум светот, а според извештаите, една шестина од сите видови на планетава се соочуваат со исчезнување, како резултат на овие промени.
Статијата е објавена во „Business Insider“.