Поставена првата пловeчка ветерна турбина (видео)

На североисточниот брег на Шкотска, започна да се оформува првата пловечка ветерна фарма.

Оваа револуционерна технологија ќе овозможи силата на ветрот да се собира во водите кои се премногу длабоки за конвенционалните турбини.

Ветерната фарма Хајвинд (Hywind) е  пробна и ќе обезбедува струја за 20.000 домови.

Производителот Статоил очекува дека енергијата од турбините ќе биде еднаква или ќе го надмине сегашното производството. Тие се надеваат на профит, особено на брегот на Јапонија и западниот брег на САД кадешто има длабоки води.

Засега веќе е поставена една огромна турбина на место, додека уште четири, спремни за поставување чекаат во еден норвешки фјорд.

Иако турбините сега се многу скапи, во Статоил веруваат дека во иднина трошоците драстично ќе ги намалат, исто како што тоа веќе го постигнаа производителите на конвенционалните офшор турбини.

Првата пловечка ветерница, вклучувајќи ги и перките е висока 175 метри.Тежи 11.500 тони .Во куќиштето зад перките можат да застанат два двокатни автобуси. Секоја од перките е долга 75 метри, што е речиси колку должината на крилата на „Ербас“.Турбините можат да функционираат во вода со длабочина до еден километар.

wind farm

Од Статоил наведуваат дека перките имаат револуционерен софтвер кој ја држи кулата исправена со извртување на перките, за да се ублажат движењата на ветерот, брановите и струите.

Проектот Хајвинд се спроведува во соработка со фирмата „Масдар“ од Абу Даби.

Пловечките турбини можат да постават нова граница на полето на енергетиката, но научниците од Меѓувладиниот панел за климатските промени предупредуваат дека се итно потребни инестиции во додатни нови технологии, за да можат владите да го одржат ветувањето за намалување на емисиите на штетните гасови.

Поддржете ја нашата работа: