Научниците ја развиваат најголемата ветерна турбина во светот

Во обидите да бидат поефикасни, ветерните турбини се прават се поголеми и поголеми. Но, новиот дизајн на кој сега се работи во САД е на ниво што е тешко дури и да се замисли.

Според извештајот на „LA Times“, ветерницата треба да биде висока 479 метри (8 пати повисока од Милениумскиот крст на Водно и за 50% повисока од Ајфеловата кула), додека лопатките на турбината ќе достигаат должина од 200 метри. За да се обезбеди  стабилност, структурата ќе биде со дијаметар од 400 метри.

Во овој проект се вклучени четири универзитети и две национални лаборатории на САД, кои имаат три години да изградат и да тестираат помал прототип, кој би требало да  покаже дека ваква турбина е возможна. Проектот е финансиран од Министерството за енергетика на САД со 3,5 милиони долари, но цената сигурно ќе расте со равојот на проектот.

Но, не е само големината она по што се разликува оваа турбина од досегашните. Според тимот кој работи на оваа ветерница, една од главните разлики е тоа што турбината нема директно да се судира со ветрот , туку ќе се движи во насока на ветрот за да се овозможи полесен проток.

200-метарските лопатки се поделени на сегменти кои ќе може да се шират при благ ветер и да се зацврстуваат во случај на силен ветер.

Ваквиот сегментиран дизајн покрај тоа што ќе овозможи да се искористи повеќе ветер, ќе овозможи изградбата и транспортот на лопатките да бидат многу полесни во однос на лопатките од еден дел. Ако сѐ оди според планираното, оваа ветерница би требало да генерира и до 50 мегавати електрична енергија, или за 25 пати повеќе енергија од традиционалните ветерни турбини.

Тимот сега работи на изработка на верзија со големина од 1/10 од оригиналната турбина, за која се надеваат дека ќе биде спремна за тестирање во 2019 година. После тоа, тие тврдат дека сепак ќе бидат потребни отприлика 15 години за да се изработи турбината во целосната големина.

Иако за овој супер амбициозен проект ќе бидат потребни уште истражувања за да може да се оствари, веќе има укажувања за еден очигледен лош аспект од поставувањето на ваква огромна ветерница, а тоа е убивање на птиците.

Ветерница што достига 479 метри во височина ќе претставува директна опасност за птиците преселници. За да се надмине ова, тимот се надева дека ветерницата ќе се гради во близина на брегот на Калифорнија, наместо во внатрешноста, каде е помала веројатноста да им се наштети на птиците.

Времето ќе покаже дали новата турбина ќе не приближи до почиста иднина, но секако претставува амбициозен надежен чекор напред.

Поддржете ја нашата работа: