Пребиотските влакна ја намалиле болката кај артритис на коленото

Секојдневен додаток со пребиотски влакна може да ја намали болката и да ја подобри физичката функција кај луѓето со остеоартритис на коленото, покажува шестнеделно клиничко истражување на Универзитетот во Нотингем.

Во студијата учествувале 117 возрасни лица, распоредени во групи кои добивале инулин, дигитална физиотерапија со вежби, двете интервенции или плацебо. Инулинoт е природно влакно што се наоѓа, меѓу другото, во коренот на цикоријата и артичоката.

И инулинот и физиотерапијата независно ја намалиле болката во коленото. Сепак, учесниците што земале инулин покажале и подобра сила на стисокот на раката и помала чувствителност на болка, показатели што може да се поврзани со начинот на кој нервниот систем ги обработува болните сигнали.

Истражувачите забележале и разлики во придржувањето кон третманот. Од групата со инулин се откажале само 3,6 отсто од учесниците, во споредба со 21 отсто кај оние што следеле дигитална физиотерапија.

Можно објаснување е влијанието на инулинот врз цревниот микробиом. Како пребиотик, тој служи како храна за корисните бактерии, кои произведуваат кратколанечни масни киселини, вклучително и бутират. Кај учесниците што земале инулин биле измерени повисоки нивоа на бутират и на хормонот GLP-1, кој може да учествува во регулирањето на болката и мускулната функција.

Врската меѓу GLP-1 и силата на стисокот укажува на можната оска црева–мускули–болка, но авторите нагласуваат дека се потребни дополнителни и подолги истражувања. Резултатите се охрабрувачки, но додатокот со инулин не треба да се смета за замена за лекарски совет, пропишана терапија или физичка активност.