Пронајдени гробници во Боливија, стари повеќе од 500 години

Археолозите во Боливија откриле гробници со повеќе стотини артефакти и човечки остатоци, кои се стари повеќе од 500 години, а истите даваат увид во интеракцијата на различните народи и ширењето на цивилизацијата на Инките.

Царството на Инките или Тавантинсују (Tawantinsuyu), е родено во градот Куско во денешната држава Перу. Царството се издигнало од високите планински предели на Андите во 13 век. Од 1438 до 1533 година, Инките користеле различни методи за проширување на царството, од освојувања со мирни соединувања. Тоа се протегало на западниот дел од Јужна Америка, од Еквадор до Чиле.

Остатоците кои се пронајдени на околу 20 километри од Ла Паз во Боливија, припаѓаат на повеќе од 100 лица од автохтоната цивилизација, кои се погребани со повеќе од 30 садови, кои Инките ги користеле како ритуал при погреби.

“Садовите се пронајдени цели, без пукнатини и гребаници, и дефинитивно им припаѓаат на Инките”, вели Једу Сагарнага, професор по археологија на Универзитетот Mayor de San Andres, кој го водел истражувањето.

Меѓу остатоците е пронајден и издолжен череп, како и гравирани грнчарски предмети. Гробниците се изградени од народ поробен од Инките кон крајот на 15 век. Покрај коските биле пронајдени и повеќе од 150 декоративни бронзени предмети како накит, декорации за коса, брошови и слично.

Министерот за култура и туризам на Боливија, Вилма Аланока вели дека ова е единствено ископување од ваков вид.

Археолошките ископувања се изведени пред неколку месеци, но она што е пронајдено, до оваа недела не е јавно објавено.

Поддржете ја нашата работа: