Првите резултати од мисијата Џуно – Јупитер не е она што се мислеше

Најновите податоци собрани од сондата Џуно на НАСА, покажале дека внатрешноста на Јупитер е исто така фасцинантна како и неговата гасовита надворешност.

„Научниците до сега сметаа дека Јупитер има компактно јадро кое е еден до десет пати помасивно од земјиното, или дека воопшто го нема“, вели главниот водач на мисијата Џуно Скот Болтон од Институтот „Southwest Research “ во Сан Антонио.

Меѓутоа, ниту едната, ниту другата хипотеза не се совпаѓаат со податоците собрани од леталото од јули 2016 година.

„Се чини дека Јупитер има матно јадро кое би можело да е поголемо од тоа што воопшто се претпоставуваше“, изјавил Болтон на прес конференцијата на НАСА.

Јадрото би можело дури да биде и делумно растопено, а под огромниот облак на површината на планетата би можело да доаѓа до големи движења или создавање на зонски ветрови.

Credit: NASA / JPL-Caltech / SwRI

Една од главните цели на мисијата Џуно е откривањето на агрегатната состојба на јадрото на Јупитер, со цел научниците да добијат подобар увид во формирањето и еволуцијата на оваа планета. Со тоа би се добиле и повеќе сознанија за постанокот и еволуцијата на сончевите системи.

Сондата користи осум научни инструменти со кои ја проучува структурата на Јупитер, составот на планетата, како и незиното гравитационо и магнетно поле.

Најголемиот  број на податоци сондата Џуно ги собира за време на блиските прелети над планетата кои се случуваат на секои 53,5 дена.

Сондата досега направила само пет „круга“, што знчи дека научниците имаат уште многу да научат за Јупитер. До сега, меѓудругото има сознанија дека изгледот на половите на планетата драстично се разликува од нејзиниот средишен дел и дека механизмите кои влијаат на појавата на поларната светлина (аурора) на Јупитер и на Земјата не се исти.

„Во текот на оваа мисија веќе неколку пати сфативме дека Јупитер многу се рзликува од она што очекувавме“– заклучува Болтон.

Поддржете ја нашата работа: