Радиотелескопи стануваат нови скенери за сателити и вселенски отпад

Меѓународен истражувачки тим демонстрираше како постојните радиотелескопи можат да се користат како приемници во радарски систем за следење на сателити и вселенски отпад. Технологијата овозможува попрецизно откривање, следење и идентификување на објекти во орбитата.

Проектот Long Baseline Multistatic Radar (LBMR), финансиран од Британската вселенска агенција, ја зголемува чувствителноста на системот повеќе од десетпати. Тоа може да овозможи забележување помали објекти на поголеми растојанија, вклучително и во геостационарната орбита, на околу 37.000 километри од Земјата.

Во геостационарната орбита се наоѓаат клучни комуникациски, навигациски, метеоролошки и државни сателити. Прецизниот и непрекинат увид во нивната околина е важен за навремено откривање на опасности, без разлика дали станува збор за нефункционален сателит, вселенски отпад или потенцијално непријателски објект.

За демонстрацијата биле комбинирани 76-метарскиот телескоп Лавел во опсерваторијата Џодрел Банк, мрежата радиотелескопи e-MERLIN и 30-метарската антена на Goonhilly Earth Station. Податоците биле обработувани во реално време, пред претставници на владини институции, одбранбениот сектор и индустријата.

Системот функционира како мултистатички радар: различни оддалечени антени истовремено примаат сигнали од објектите во орбитата, а нивната комбинација создава попрецизна слика. На овој начин, научната и комерцијалната инфраструктура може да добие нова улога без изградба на целосно нова, посветена постројка.

Во проектот учествувале Универзитетите во Бирмингем и Манчестер, Goonhilly Earth Station, лабораторијата „Линколн“ на MIT и австралиската научна агенција CSIRO. Истражувачите сметаат дека ваквиот пристап може побрзо и поекономично да придонесе за безбедно и одржливо користење на вселената.