Човечки остатоци кои датираат од пред 13.600 години, откриени се во пештерата Там Лод во Тајланд, а експертите успеале да го реконтруираат лицето на жена која живеела во тој период.
Се верува дека таа е директен предок на популацијата која денес живее во јужна Азија.
Жената од доцниот плеистоцен починала пред 13.600 години, а тим од научници, по извршени посебни мерења успеале да направат фацијална реконструција.
За потребите на реконструкцијата експертите претходно направиле истражувања за просечните димензии на лицето, кожата, мускулите, черепите на 720 современи жени од 25 земји ширум светот.
Резултатите покажале дека се работи за жена која била на возраст помеѓу 25 и 30 години кога починала, а се смета дека била висока 155 сантиметри.
Остатоците се пронајдени уште во 2002 година, во големата пешетера во северозападен Тајланд, која некогаш била дом на хомо сапиенсот. Покрај просторот за живеење, во пештерата имало и посебни делови за погребување, како и простор за заедничка изработка на алатки.
Но, пред 13.600 години дошло до рушење на дел од пештерата и на крај местото станало гробница, а денес претставува најстарото место со човечки остатоци во северзападниот дел на Тајланд.