Се ближиме кон „ сè во едно“ решение за сексуално преносливите болести

Сегашните методи за сексуална и репродуктивна превенција значително го подобрија здравјето и благосостојбата на жените и нивните фамилии. Но, ова не е доволно. Во светот, секоја година се’ уште има 85 милиони непланирани бремености, 21,6 милиони небезбедни абортуси и речиси 300 илјади случаи на смрт на мајката поради компликации поврзани со бременоста и раѓањето.

ХИВ останува водечка причина за смрт кај жените во репродуктивна возраст насекаде низ светот. Најголемиот товар го има суб-сахарска Африка. Додека лековите против ретровируси се ефикасни третмани, половина од жените со ХИВ не можат да пристапат до нив.

Технологии за превенција

 

За да можат жените да имаат добро репродуктивно здравје, потребни им се нови и подобрени технологии за превенција. Во моментов, се развиваат нови продукти за сексуалното и репродуктивното здравје на жените кои може да бидат клучни за постигнување на целта.

Се работи за повеќенаменски технологии за превенција (Multipurpose Prevention Technologies) кои овозможуваат различни начини за спречување на ХИВ, сексуално преносливи инфекции и непланирана бременост. Иако се комплицирани за развој, технички се изводливи. Во моментов развиени се повеќе од 20 производи, а десетина се веќе на клиничко испитување.

Некои комбинираат контрацепција со превенција на сексуално преносливите инфекции, додека други овозможуваат заштита од ХИВ и сексуално преносливи инфекции на оние жени кои сакаат да забременат. Некои од производите се дизајнирани за да се користат непосредно пред или за време на сексуалниот однос, додека други имаат долготрајно дејство.

Новитетите кои во моментов се развиваат вклучуваат:

вагинални прстени кои ослободуваат хормонална контрацепција и лек за превенција на ХИВ
вагинални филмови и таблети кои спречуваат ХИВ и херпес
ректални супозитории (чепчиња) кои овозможуваат заштита од ХИВ и сексуално преносливи инфекции за оние кои практикуваат анален секс
нови био материјали за изработка на подобри кондоми, како и други иновативни технологии.
Целта е да се создадат повеќе методи за превенција со широк спектар, од кои жените ќе можат да си го одберат оној кој најмногу им одговара на околностите. Но, без поголемо инвестирање во истражувањето и развојот на овие технологии, овие нови методи може никогаш да не стигнат до рацете на жените.

Лек за сите

 

Природата на сексуалните и репродуктивните здравствени ризици особено доаѓа до израз во оние области од светот каде што жените имаат најмалку пристап до модерната контрацепција, при што се изложени на најголем ризик од ХИВ и сексуално преносливи болести. Доколку сексуално преносливите инфекции, како херпес, кламидија и хуманиот папилома вирус, не се лекуваат, може да резултираат со неплодност или рак. Херпесот и папилома вирусот го зголемуваат ризикот за добивање на ХИВ.

Во 2012 година, од вкупно 35,3 милиони млади жени инфицирани со ХИВ, дури 70% потекнувале од суб-сахарска Африка.

Способноста на жените да раѓаат деца ја подобрува економската благосостојба на семејството, спасува милиони животи и милијарди долари. Намалувањето на инциденцата на ХИВ и сексуално преносливи болести има јасни придобивки за жените, фамилиите и економијата, а постигнуњето на сето тоа во исто време само ќе ги зголеми придобивките за сите.

Сè во едно

 

Жените и здравствените работници се ентузијастични за оваа повеќенаменска технологија. Комбинирањето на средствата за превенција во еден производ ќе биде поефикасно и ќе го зголеми бројот на жени кои ќе бидат заштитени.

Раното истражување на пазарот покажува убедлива предност на производите кои се однесуваат на повеќе сексуални и репродуктивни ризици. Комбинирањето на превенцијата на ХИВ, заштитата од сексуално преносливи болести и контрацепцијата нуди огромни социјални бенефиции – намалување на нивото на смртност, подобрување на приходите, намалување на нееднаквоста и позитивно влијание на животната средина.

Истражувачите, здравствените работници и финансиерите од целиот свет, вклучувајќи ги Кина, Индија, Кенија, Јужна Африка и САД започнаа меѓусебна соработка за да се осигурат дека овие повеќенаменски технологии за превенција ќе бидат пожелни и достапни на оние на кои им се најпотребни. За младите жени во суб-сахарска Африка, ова би можело да им го промени животот.

Оваа статија е верзија на блог, кој оргинално е напишан од професор Хелен Рис и доктор Бетани Јанг Холт, директор на Иницијативата за повеќенаменски технологии за превенција и е објавена во „The Conversation“.

Поддржете ја нашата работа: