Може ли навистина да се надеваме дека ќе го успориме стареењето?
Едно соединение познато како никотинамид мононуклеотид (НМН) покажало значително продолжување на животот кај глувци и наскоро за прв пат ќе почне клинички да се тестира на луѓе.
Следниот месец 10 здрави волонтери ќе примат НМН со цел да се види дали тоа ќе го успори нивното стареење, без појава на несакани ефекти. Доколку резултатите бидат позитивни и лекот се одобри за јавна употреба, тоа ќе биде првиот вистински лек против стареење што се појавил на пазарот.
НМН претставува органска молекула или нуклеотид, што се наоѓа во разни хранливи состојки, меѓу кои и во млекото. Како што пишува „Gizmodo“, НМН ја стимулира продукцијата на една класа на протеини наречени сиртуини, кои нормално се намалуваат со стареењето.
Тестирањата на глувци покажале дека НМН го стопира падот на метаболизмот, намалувањето на видот и нетолеранцијата на гликоза кои нормално се јавуваат како последица на стареењето. Но, прашањето е дали истите ефекти ќе ги има и кај луѓето?
Глувците често се користат за тестирање бидејќи делат 95 до 98 проценти од нашиот геном и страдаат од многу исти болести. Но, познато е дека резултатите од истражувањата вршени на глувци, особено оние што се поврзани со стареењето не се пресликуваат исто и кај човекот, па затоа ќе треба да почекаме и да видиме колку добро НМН ќе делува кај луѓето.
Тестирањето ќе се врши на Универзитетот Кеио во Јапонија, со помош на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис. Стареење е важна тема во Јапонија, со оглед на тоа дека 40 проценти од населението ќе биде постаро од 65 години до 2055 година.
Иако е можно НМН да биде првиот официјален лек против стареењето што ќе се појави на пазарот, тој не е единствениот на кој се работи. Минатата година, експерименталниот лек за Алцхајмер „ J147“, се покажа дека има и ефекти против стареење – и овој пат на глувци, додека лекот метформин што се користи за дијабет, исто така беше тестиран на луѓе како третман против стареење.
Постојат толку многу различни фактори кои влијаат на стареењето, така што веројатно е невозможно целосно да се стопира тој процес, но лековите кои може да го продолжат животниот век дефинитивно ќе ги имаме во блиска иднина.
Да почекаме и да видиме дали НМН ќе биде првиот од нив.