Ново истражување од Универзитетот во Кентаки открива дека преголема акумулација на азотен оксид може да им ја наруши одбраната на растенијата. Наместо да им помогне, оваа молекула при вишок создава „сообраќаен метеж“ во хемиската комуникација меѓу клетките.
Научниците работеле со Arabidopsis, честа лабораториска билка, и со мутирани примероци кај кои е нарушен генот GSNOR1. Токму кај овие растенија се насобирало повеќе азотен оксид, а системскиот имунолошки одговор ослабел.
Клучен проблем била промената на pH-вредноста околу и во клетките. Надворешниот простор станал покисел, а внатрешноста поалкална, што го отежнало движењето на салицилната киселина, важен сигнал за одбрана што растението го користи за да ги предупреди другите делови од организмот.
Кога салицилната киселина била нанесена на листовите, мутираните растенија сè уште реагирале слабо. Но кога била доставена преку коренот, имунолошкиот сигнал повторно се активирал. Тоа покажува дека проблемот не е во самиот одбранбен механизам, туку во тоа како сигналот се пренесува низ растението.
Авторите сметаат дека ова откритие може да помогне во разбирањето на отпорноста на културите кон болести и други стресови, како суша и високи температури. Истовремено, резултатите сугерираат дека слични правила за хемиска комуникација може да важат и кај други живи организми.
































