Обичните Wi‑Fi рутери би можеле да станат неочекувана алатка за препознавање и следење на луѓе, покажува ново истражување од германскиот Институт за технологија во Карлсруе (KIT). Наместо камера, системот ги анализира одбивањата на радиобрановите во просторот и од тие промени создава слика за околината и за присутните лица.
Истражувачите објаснуваат дека методот не зависи од тоа дали некој носи телефон или друг уред со себе. Доволно е во близина да има активна Wi‑Fi мрежа и поврзани уреди што разменуваат податоци со рутерот. Според тимот, тоа значи дека дури и исклучен смартфон не е сигурна заштита од ваков вид детекција.
Клучната новина е што не е потребна специјализирана и скапа опрема. Наместо дополнителни сензори, системот користи стандардни Wi‑Fi сигнали и т.н. beamforming feedback information, односно повратни податоци што уредите му ги испраќаат на рутерот за подобра безжична комуникација. Бидејќи тие информации не се шифрирани, истражувачите предупредуваат дека можат да бидат достапни и за други во дометот на мрежата.
Со помош на машинско учење, овие сигнални одрази можат да се претворат во повеќе „погледи“ кон телото на една личност. Откако моделот ќе се истренира, идентификацијата трае само неколку секунди. Во тестирање со 197 учесници, системот постигнал речиси 100 проценти точност, а резултатите останале стабилни без оглед на аголот на набљудување и начинот на движење.
Токму затоа авторите предупредуваат на сериозни последици за приватноста. Бидејќи безжичните мрежи се присутни во домови, канцеларии, кафулиња, аеродроми и други јавни простори, технологијата би можела да прерасне во тивка и тешко забележлива инфраструктура за надзор. Според нив, ризикот е особено голем ако ваквите системи се употребуваат за следење граѓани, демонстранти или посетители на одредени локации без нивно знаење.
Тимот предлага посилни заштити на приватноста да се вклучат во идниот Wi‑Fi стандард IEEE 802.11bf. Резултатите од истражувањето, финансирано во рамки на програмата Helmholtz „Engineering Secure Systems“, треба да бидат претставени на конференцијата ACM Conference on Computer and Communications Security во Тајпеј.
































