Загадувањата убиваат 1,7 милиони деца годишно

Околу 1,7 милиони деца на возраст до пет години во светот умираат како последица на загадувањето на животната средина, се наведува во новиот извештај на Светската здравствена организација(СЗО)

За повеќе од еден смртен случај  од  четири- кога се работи за деца помлади од пет години, придонесуваат еколошките ризици, како што се загадувањето на воздухот, пасивното пушење, водата  која не е безбедна за пиење и недостаток или неадекватна хигена, соопштува СЗО.

Најчестите причини за смрт кај децата на возраст од еден месец до пет години – дијареја, маларија и воспаление на белите дробови, можат да се спречат преку намалување на ризиците по животната средина, како и меѓу другото со пристап до чиста вода.

„Загадената средина е смртоносна, посебно за децата.Нивните органи и имунолошки систем кои се во развој, малите тела и дишни патишта, ги прават особено ранливи на нечистиот воздух и вода“– истакнува генералната директорка на СЗО Маргарет Чен.

Како што се наведува во извештајот, заедно со  климатските промени, порастот на температурите и концентарцијата на јаглерод диоксид, зголемен е и бројот на деца кои имаат астма.Се проценува дека помеѓу 11 и 14 проценти од децата на возраст околу пет години имаат симптоми на астма, од кои скоро половината се поврзани со загадувањата во животната средина.

Поддржете ја нашата работа: