Tигар рибата Голијат (научно „Hydrocynus Goliath“), му припаѓа на родот „Hydrocynus“, во кој спаѓаат пет видови, познати како Африкаски тигар риби.
Тигар рибата Голијат е најголемиот член од кланот тигар риби, која може да достигне големина и од 1,5 метри и тежина од 50 килограми. Природно се наоѓа во басенот на реката Конго, реката Луалаба, Упемба и езерото Тангањика во Африка.
Овој голем африкански грабливец е слатководна риба, на горниот дел е со маслинеста боја, а долниот дел со сребрена. Она што е впечатливо е неверојатната големина и тежина на рибата, а своите заби остри како жилет ги користи да го распарчи пленот. Не се знае колку точно живее во природа, но во вештачките живеалишта може да живее 10 до 15 години.
Оваа риба е многу жесток грабливец. Има 32 заби во вид бодежи и силна градба што и овозможува да лови многу ефикасно. Според локалните жители, не се плаши ни од крокодили, па дури и ги јаде помалите.
Според познатиот англиски риболовец Џереми Вејд: „Забите на ова риба се неверојатно остри и се со иста големина како на големата бела ајкула“. На устата нема усни, а забите се наредени по работ на вилицата. Ја лови секоја риба што може да ја совлада, па дури и помалите припадници на својот вид. Во Конго биле пријавени инциденти каде нападнала дури и луѓе.
Тигар рибата Голијат сака да лови во немирни води, кога другите риби тешко пливаат, што ги прави лесен плен. Има одличен вид, а може да ги детектира и нискофрекфентните вибрации од својот плен.
Оваа риба има одличен вид што го користи да лови во матно. Кога некоја риба, што е послаб пливач, случајно ќе навлезе во немирни води, Голијат рибата ја напаѓа. Обично прво почнува да кружи околу својот плен, пред да го нападне. Познато е дека напаѓа дури 30 килограми тежок сом и го раскинува на парчиња. Дури и сетилата кај оваа риба еволуирале за да и служат во ловењето. Во внатрешноста има црево со воздух што вибрира кога некоја риба се движи во околината – многу слично како што ушното тапанче кај човекот ги чувствува промените на притисокот во воздухот.
Да се улови Голијат рибата е многу тешко. Нејзините движења се толку силни, што рибарскиот стап не може да ги издржи, освен ако не е специјално изработен. Дури и тогаш, потребно е големо трпение и вештина.
Ако сакате да уловите тигар риба Голијат би требало да знаете дека таа е многу брза. Го напаѓа и живиот и вештачкиот мамец, а ако куката се закачи доволно длабоко во нејзиното грло, силно ќе се бори за да се ослободи од него. Рибата е толку насилна, што и промоторите на сафари риболовот обавезно даваат писмено предупредување пред да ве одведат на риболов.
Сепак, како голем грабливец, оваа риба троши повеќе време во лов, отколку во размножување, па затоа е потребно од 5 до 14 години нивниот број двојно да се зголеми. Неконтролираниот лов на тигар рибата Голијат би можел да доведе до пореметување на локалниот еко систем, па затоа „Animal Planet“ препорачува рибата да се врати повторно во водата откако ќе се улови.
Подолу може да погледнете видео со ова речно чудовиште, со Џереми Вејд како ја лови и покажува рибата.