Здравствени придобивки од лукот

Иако многумина не го сакаат поради јакиот мирис, лукот всушност има универзален статус на моќен исцелител. Природните лековити состојки, и како свежо растение и како додаток, може да го зајакнат имунолошкиот систем и целокупната благосостојба.

Според медицинскиот центар на Универзитетот во Мериленд, здрав возрасен човек може да конзумира до 4 чешниња лук секој ден. Се смета дека неговите ефекти доаѓаат од активната состојка алицин, која му го дава специфичниот вкус и мирис. Па, без разлика дали ќе го конзумирате лукот свеж, во прав, или во форма на додаток, може да ги искористите неговите придобивки за оптимално здравје и тоа:

1.Против акни

Ова растение можеби не се наоѓа во листата на состојки кај производите за акни, но може да се користи како природен третман за да се ослободите од лузните од акни, како и за третман на кожни болести и алергии. Според едно истражување од 2009 година, органското соединение во лукот – алицин, може да ги запре штетните ефекти на радикалите и да ги убие бактериите.

2.Против опаѓање на косата

Лукот содржи кератин – протеинот од кој е направена косата, па неговото конзумирање го стимулира зајакнувањето на косата и нејзиниот раст. Според едно истражување од 2007 година, комбинацијата на гел од лук и крема од бетаметазон валерат може да биде ефикасен третман против опаѓањето на косата.

3.Против настинка

Според едно истражување од 2001 година, секојдневното конзумирање на лук може да го намали бројот на настинки за 63% и траењето на симптомите на настинка за 70%. Овие наоди сугерираат дека алицинот има заштитно дејство против настинката.

4.За намалување на крвниот притисок

Активните состојки на лукот може значително да го намалат крвниот притисок, исто како и препишаните лекови. Според едно истражување од 2013 година, екстрактот од лук од 600 до 1.500 милиграми е подеднакво ефикасен како лекот атенолол што се препишува за хипертензија во рок од 24 недели.

5.За намалување на ризикот од срцеви болести

Лукот помага при намалувањето на ризикот од срцеви заболувања со тоа што го намалува вкупниот ЛДЛ холестерол, а тоа го постигнува на тој начин што ја намалува активноста на главниот ензим во црниот дроб, кој произведува холестерол. Покрај тоа, додатоците од лук ја зголемуваат способноста за разложување на згрутчувањата на крв, што го намалува ризикот од срцев удар.

6.За зголемување на физичките перформанси

Лукот, а особено маслото од лук, може да помогне за зголемување на капацитетот за вежбање и намалување на заморот предизвикан од вежбањето.

7.За подобро здравје на коските

Лукот е полн со хранливи материи за коските, како што се цинк, манган, витамин Б6 и витамин Ц. Овие материи преставуваат основен градежен материјал за здрави и силни коски.

Па, покрај тоа што лукот може да биде вкусен додаток на вашата исхрана, тој е и многу корисен за вашето здравје.

Поддржете ја нашата работа: