Има ли причина за паника?! Во Јелоустоун минатиот месец регистрирани повеќе од 1.000 земјотреси

Земјата повторно се тресеше под Националниот парк Јелоустоун, во САД. Само во јули сеизмолошките станици регистрирале над 1.000 земјотреси во регионот. Ова е најголемата сеизмичка активност регистрирана во паркот од јуни 2017 година, кога подрачјето го потресоа повеќе од 1.100 земјотреси.

Јелоустоун го окупира вниманието на сеизмолозите, коишто внимателно го анализираат секој потрес, бидејќи паркот лежи над огромни количества лава кои би можеле да избијат на површината и да се формира огромен вулкан што би го загрозил поширокото подрачје на  САД.

„Иако е над просекот, ова ниво на сеизмичност не одразува магматска активност“, се вели во извештајот на американскиот геолошки институт.

„Ако магматската активност е причина за земјотресите, би очекувале да видиме и други индикатори, како промени во стилот на деформација или емисии на топлинска енергија/гасови, но такви варијации не се откриени“, се додава во извештајот.

Во текот на јули 2021 година, Сеизмографските станици на Универзитетот во Јута, кои се одговорни за следење и анализа на земјотресите во паркот Јелоустоун, регистрираа вкупно 1.008 земјотреси во областа. Овие земјотреси се случиле во низа од по седум, а најјакиот, со магнитуда од 3,6 степени по Рихтер, бил на 16 јули.

Според сеизмолозите, овие земјотреси веројатно се резултат на движење на  постоечките раседи под паркот, испровоцирани од зголемениот притисок под земјата поради топењето на снегот и надојденото количеството на подземни води.

Јелоустоун е еден од најсеизмички активните региони во САД; според геолозите, областа обично е погодена од 700 до 3.000 земјотреси годишно, од кои повеќето се незабележливи за посетителите. Најсилниот земјотрес регистриран во Јелоустоун имал магнитуда од 7,3 степени, со епицентар во Хебгенското Езеро, во 1959 година.

Паркот се наоѓа на врвот на мрежа на подземни процепи поврзани со огромен вулкан длабоко под земјата. Тој последен пат еруптирал пред околу 70.000 години.

Земјотресите се случуваат додека раседните линии на регионот се распрснуваат, а магмата, водата и гасот се движат под површината. Овие карактеристики се причина за појавата на гејзери и бројни топли извори во паркот.

Поддржете ја нашата работа: