Кинескиот ровер Журонг откри полигонални структури под површината на Марс

Chinese Space Agency

Кинескиот ровер Журонг е опремен со радарски систем што продира низ тлото, што му овозможува да „ѕирне“ и под површината на Марс.

Истражувачите објавија нови резултати од скенирањата на местото на слетување на Журонг во месноста наречена „Утопија Планиција“, велејќи дека идентификувале неправилни полигонални клинови лоцирани на длабочина од околу 35 метри.

Некои од нив, како што пренесува Science alert, имаат должина и до неколку десетици метри. Научниците веруваат дека закопаните полигони настанале како резултат на циклусите на замрзнување-одмрзнување на Марс пред милијарди години, но тие исто така би можеле да бидат и со вулканско потекло, како резултат на ладење на лавата.

Роверот Журонг слета на Марс на 15 мај 2021 година, со што Кина стана втората земја во историјата која успешно слетала ровер на Марс.

Роверот, именуван по кинескиот бог на огнот, го истражуваше местото на слетување, испрати фотографии (вклучувајќи селфи со неговиот лендер, снимени со далечинска камера), ја проучуваше топографијата на Марс и изврши мерења со неговиот радар што продира по земја (GPR) инструмент.

Журонг имаше примарна мисија од три месеци, но успешно работеше нешто повеќе од една година пред да влезе во планирана хибернација.

Истражувачите од Институтот за геологија и геофизика при Кинеската академија на науките кои работеа со податоците на Журонг рекоа дека GPR обезбедува важно дополнување на орбиталните радарски истражувања од мисии како што се Марс Експрес на ЕСА и сопствениот кинески орбитер Тианвен-1.

Истражувачите, предводени од Леи Џанг, напишаа во нивниот труд објавен во Nature, дека радарот на роверот открил шеснаесет полигонални клинови на растојание од околу 1,2 километри, што укажува на широка дистрибуција на сличен терен под Utopia Planitia.

Овие откриени карактеристики веројатно се формирале пред 3,7 – 2,9 милијарди години за време на доцната хеспериска и рана амазонска епоха на Марс.

Иако полигонални форми се забележани низ неколку области на Марс, од некои претходни мисии, ова е првпат да има индикации за подземни полигонски форми.

За нивното создавање, според научниците, била потребна мошне ладна средина, а веројатно е поврзана со процесите на замрзнување-одмрзнување на вода/мраз во тоа подрачје на Марс.

„Подповршинската структура со материјали за покривање на затрупаниот палео-полигонален терен сугерира дека имало забележителна палеоклиматска трансформација некое време потоа“, напишаа истражувачите.

„Контрастот над и под длабочина од околу 35 метри претставуваше забележителна трансформација на водената активност или термалните услови во времето на древниот Марс, што имплицира дека имало климатски пресврт на ниски до средни географски широчини“.

Извор: Universe today

Поддржете ја нашата работа: