Коронавирусот уби исто толку Американци колку и грипот од 1918 година

Бројот на починати од „Ковид-19“ во САД деновиве се изедначи со бројот на Американци кои го загубија животот поради пандемијата на шпанскиот грип од 1918-1919 година, односно околу 675.000.

Како и светската катастрофа од пред еден век, научниците сметаат дека коронавирусот никогаш нема целосно да се искорени. Тие се надеваат дека тој ќе се претвори во благ сезонски грип преку зајакнување на имунитетот. Но, како што велат и за тоа ќе треба време.

Зголемувањето на нови инфекции предизвикани од варијантата делта можеби го достигна врвот, но бројот на починати продолжува со просек од над 1.900 случаи дневно, што е највисоко ниво од почетокот на март. Според податоците од Универзитетот Џонс Хопкинс, заклучно со вчерашниот ден, вкупниот број на починати од Ковид-19 во Соединетите држави достигна близу 674.000, иако се смета дека вистинскиот број е поголем.

Според алгоритмот за прогнозирање, престојната зима зимата може да донесе ново зголемување на бројот на инфекции, иако се очекува помала смртоност од лани. Алгоритмот на Универзитетот во Вашингтон предвидува зголемување на бројот на смртни случаи за околу 100.000 до 1 јануари 2022 година, со што вкупниот број на жртви од Ковид-19 во Соединетите држави би достигнал 776.000.

Пандемијата на шпанскиот грип од 1918-1919 година го однесе животот на околу 675.000 Американци, во време кога САД имаа трипати помала популација од денешната. Околу 50 милиони луѓе на глобално ниво починаа од шпанскиот грип. Додека „Ковид-19“ досега однесе 4,6 милиони животи на глобално ниво.

Сепак, бројот на жртви од шпанскиот грип е груба проценка, со оглед на нецелосните записи во тоа време и оскудните знаења за причините на болеста. Бројката од 675.000 ја пријавија американските центри за контрола и превенција на болести.

Пред КОВИД-19, грипот од 1918-1919 година се сметаше за најлоша пандемија во човечката историја, но не е јасно дали сегашната на крајот ќе биде уште посмртоносна.

Поддржете ја нашата работа: