Откриена планета на која би можело да има течна вода и атмосфера

Snapshot/X

Луѓето отсекогаш биле фасцинирани од можноста да најдат живот надвор од Земјата. Неодамнешното откритие покажува дека потрагата наскоро може да вроди со плод. Меѓународен тим на научници ја идентификуваше егзопланетата LHS 1140 b како „сериозен“ кандидат за постоење на вонземски живот.

Заклучокот се заснова на податоците од вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА, кој откри дека LHS 1140 b можеби има океан со течна вода и атмосфера богата со азот.

„Од сите моментално познати умерени егзопланети, LHS 1140 b може да биде нашата најдобра опција еден ден индиректно да потврдиме течна вода на површината на вонземски свет надвор од нашиот Сончев систем“, вели Чарлс Кадо од Универзитетот во Монтреал и главен автор на нова студија, сега достапна во arXiv и чека рецензија од колеги.

Егзопланетата, оддалечена 48 светлосни години во соѕвездието Кит, се наоѓа во таканаречената „златна зона“ на својата ѕвезда, каде што се соодветни услови за постоење на течна вода.

Околу шест пати поголема од масата на Земјата, LHS 1140 b орбитира околу мала црвено џуџеста ѕвезда на растојание доволно за да се формира вода. Научниците открија дека е значително помалку масивна од очекуваното, што укажува на тоа дека е или гасовит „мини-Нептун“ или водена „мега-Земја“. Користејќи го телескопот Џејмс Веб и други телескопи, како Хабл и Спајсер, тие извршија спектроскопска анализа и открија дека LHS 1140 b е веројатно воден или снежен свет со карпесто јадро.

Првичната анализа покажува дека егзопланетата би можела да има густа атмосфера слична на Земјината.

„Ова е првпат да видиме навестување на атмосфера на егзопланета во зоната на карпи или мраз погодна за живот“, вели д-р Рајан Мекдоналд од Универзитетот во Мичиген.

Потребни се дополнителни набљудувања од Џејмс Веб, но атмосферата би можела да биде богата со азот, кој сочинува 78 отсто од атмосферата на Земјата.

„LHS 1140 b е една од најдобрите мали егзопланети во зоната погодна за живеење што може да поддржи густа атмосфера, а можеби штотуку најдовме докази за воздух на овој свет“, додава Мекдоналд.

Синхроната орбита на LHS 1140 b значи дека едната страна секогаш е свртена кон својата ѕвезда. Иако може да биде замрзната „снежна топка“, на таа загреана страна може да постои течна вода. Ако има атмосфера, може да има океан со дијаметар од околу 3.840 километри, со температура на површината од околу 20 °C.

Таа планета, со својата релативно тивка ѕвезда во споредба со системот TRAPPIST-1, нуди единствена можност да се проучува свет кој потенцијално би можел да поддржува живот. Научниците се оптимисти за понатамошното истражување и можноста за потврдување на условите за одржување на животот, објави „Дејли мејл“.

 

Поддржете ја нашата работа: