Незадоволни од реализацијата на наставниот модел за учебната 2020/2021 година, Сојузот на средношколци најави можни протести и бојкот на наставата.
„Нашиот глас веќе долго време не е слушнат. Родителите нè игнорираат, МОН исто така. Ние им ги испраќаме нашите предлози и протоколи, тие не даваат никаква повратна информација. Доколку ги присилат сите средношколци во нешто, без притоа нив да ги консултираат, јасно е дека ќе покажеме револт и ќе се бориме за нашиот глас“, вели Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколците.
Како што објаснува Ходаи, тие се залагаат за комбиниран модел на настава, каде што наставата ќе може да тече физички, а онаму каде што има голем број на заразени од ковид-19, наставата ќе се одржува онлајн. Тој дополнува дека предлогот за оние училишта кои се наоѓаат во средина на ситуацијата е да ги поделат своите паралелки на половина и во смени.
„Едната половина ќе ја следи наставата физички, а другата онлајн во истото време. Групите ќе се менуваат на една до две недели. Веруваме дека комбинираниот пристап е најдобар поради три причини – имено, го сочувува здравјето, квалитетот на наставата и ги превенира пошироките негативни општествени импликации“, истакнува Ходаи.
Веќе за во сабота е најавен онлајн состанок на средношколските претставници од седумнаесет градови од државата, на кој ќе се донесе одлуката на средношколците за нивните понатамошни активности. Состанокот ќе се одржи со претставници од Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип, Кочани, Свети Николе, Кавадарци, Струмица и Гевгелија.
„Мислењата се прилично поделени, што беше очекувано. Некои сакаат физички престој, некои онлајн. Ние се залагаме за компромис – комбиниран модел на настава. Овој модел подразбира децентрализиран пристап – секое училиште и општина сами да носат одлука за себе, имајќи ги предвид околностите и условите“, нагласува Ходаи.
Извор : www.radiomof.mk
Автор: Ивана Смилевска