Нова студија покажа – Месечината има влијание врз нашиот сон

Спиењето е една од највиталните работи што ги прави човекот, но милиони од нас не успеваат доволно да се наспијат.

Некои од причините за тоа се очигледни, но дел остануваат непознати.

Чести се наводите за поврзаноста помеѓу Месечината и нејзините циклуси, кои долго време се изучувани за да се испита нивното потенцијално влијание врз човечкиот сон, сепак резултатите од таквите анализи беа донекаде неконзистентни.

Во една нова студија, за која истражувачите тврдат дека е една од најголемите од ваков вид, тим научници го следеле спиењето на над 850 луѓе во градот Упсала, Шведска, користејќи полисомнографија за да го утврдат почетокот, времетраењето и квалитетот на спиењето во текот на една ноќ.

Мерењата биле снимани во текот на неколку години и кај мажи и кај жени, во различни фази од месечевиот циклус: од Млада, преку полна до Месечина во опаѓање.

Првичните тврдења беа дека зголемената осветленост на растечката Месечина треба да влијае негативно врз човечкиот сон, со оглед на тоа што луѓето обично имаат тенденција да спијат подобро во повеќе темнина.

Некои студии навистина ја потврдија таа теорија, но други не успеаја да ја докажат.

Во новото истражување, резултатите покажуваат дека лунарните циклуси навистина имаат значително и забележливо влијание врз човечкиот сон – но интересно, не секој е засегнат на ист начин.

„Откривме дека мажите чиј сон бил снимен во текот на ноќта во периодот од млада до полна Месечина, покажале помала ефикасност на спиењето и зголемено време на будност по почетокот на спиењето во споредба со мажите чиј сон бил измерен во текот на ноќта во периодот на опаѓање“, вели неврологот и прв автор на студијата, Кристијан Бенедикт од Универзитетот во Упсала.

Спротивно на тоа, спиењето на жените останало во голема мера непроменето.

Сепак, иако тие резултати во целина биле помалку забележителни, феноменот не изостанал.

Истражувањето покажува дека жените во студијата спиеле во просек скоро 12 минути помалку во текот на ноќта во периодот на исполнување на Месечината, во споредба со ноќите на нејзиното опаѓање.

Покрај тоа што мажите спиеле повеќе од 20 минути помалку во текот на ноќите на издигнување на Месечината и другите показатели за ефектите на Месечината се исто така многу поизразени кај мажите: вклучувајќи 3,4 проценти помала ефикасност на спиењето и поголеми нарушувања во должината на фазите на спиење за време на циклусот на исполнување.

„Нашата студија, се разбира, не може да открие дали поврзаноста на спиењето со лунарниот циклус била причинска или само корелативна“, вели Бенедикт.

Со други зборови, дефинитивно тука се случува нешто што изгледа дека ги тера луѓето да спијат поинаку, синхронизирано со тоа колку месечината е светла и полна во дадена ноќ. Тешко е само авторитативно да се прецизира степенот на овој ефект.

„Со секој дополнителен ден за време на фазата на раст, Месечината рефлектира повеќе сончева светлина кон Земјата, достигнувајќи максимално осветлување на денот на полната Месечина“, пишува тимот во студијата.

Во текстот се напоменува дека постојат и други потенцијални геомагнетни ефекти што може да влијаат врз сонот, но за кои се налага дополнителна истрага.

Засега барем, Месечината што дејствува како огромно, незгодно поставено огледало што ја рефлектира светлината од Сонцето, останува најразумно објаснување за циклично непроспиените ноќи.

Поддржете ја нашата работа: