Британските лекари ги предупредија родителите дека треба да бидат свесни за опасностите од стрептококните инфекции од групата А, откако 6 деца починаа во Велика Британија.
Ограничувањата воведени поради пандемијата, како задолжителното носење заштитни маски и социјалната дистанца, веќе не се во сила во таа земја, што значи дека инфекциите како стрептокока А полесно се шират, а бројот на заболени е зголемен во изминатиот месец, пишува CNN.
Инфекцијата може да предизвика низа симптоми, од благи до многу сериозни, но не е фатална за повеќето луѓе кои се инфицираат.
Не секогаш предизвикува симптоми
Стрептокок А е бактерија што се наоѓа во грлото и на кожата. Најчесто предизвикува треска и инфекции на грлото, а многу луѓе ја носат без никакви симптоми. Сепак, е заразна и може да се прошири преку кашлање, кивање и близок контакт.
Симптомите на инфекција вклучуваат болка при голтање, треска, осип на кожата и отечени крајници и жлезди. Заразата е честа појава во преполните простори како што се училиштата и дневните центри, објаснува американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC)
„Инфекцијата обично е прилично безопасна“, вели професорот Бит Кампман.
„Меѓутоа, во многу ретки случаи кога бактеријата произведува токсин, таа може да стигне до крвотокот и да предизвика многу сериозни состојби како што се сепса, воспаление на срцето или токсичен шок со откажување на органите’, предупредува докторот.
Кампман ги советува родителите веднаш да побараат лекарска помош доколку нивното дете изгледа „многу болно“ и има симптоми како треска, повраќање, болки во мускулите или осип.
За да се потврди инфекцијата со оваа бактерија, болничарите користат брз антиген тест или брис од грло.
Третман со антибиотици
Инвазивен стрептокок А е термин кој се користи за случаи кога бактеријата го напаѓа телото и влегува во крвотокот. Тогаш болеста станува сериозна, објаснува Британската агенција за здравствена безбедност (UKHSA).
Не постои вакцина за спречување на овие инфекции, но тие успешно се лекуваат со антибиотици.
„Оваа година гледаме зголемување на случаите на стрептокок А“, вели Колин Браун, заменик директор на агенцијата.
Зголемувањето на бројот на заразени лица е особено видливо кај децата под 10-годишна возраст, додава УКХСА. Пет деца во Англија починале од оваа болест, а еден смртен случај е регистриран во Велс.
Бројките од UKHSA покажуваат дека помеѓу средината на септември и средината на ноември имало 2,3 случаи на 100.000 деца на возраст меѓу 1 и 4 години, што е зголемување во просекот од 0,5 случаи на 100.000 деца во годините пред пандемијата (2017-2019).
Кај децата на возраст меѓу 5 и 9 години, имало 1,1 случај на 100.000, во споредба со просекот од 0,3 во годините пред пандемијата.
Последниот период на голем број зарази бил помеѓу 2017 и 2018 година, кога во ист временски интервал починале четири деца на возраст под 10 години.
Од агенцијата не веруваат дека станува збор за нова варијанта, додавајќи дека зголемувањето на бројот на заразени најверојатно е резултат на „бактерија која циркулира на социјалните собири“.