Амазонките не се само мит?

Митот за Амазонките, озлогласени и сурови воинки од Истокот, е една од најпознатите приказни од богатата грчка митологија, присутна во различни толкувања во денешната популарна култура. Се верува дека живееле во еден вид хомосексуален матријархат, а античкиот историчар Херодот ги нарекува Андроктони – убијци на мажи.

Легендата вели дека на мажите не им било дозволено да живеат и да имаат секс во земјата на Амазонките, но еднаш годишно, за да го одржат видот, тие го посетувале соседното племе составено само од мажи. Машките новороденчиња би биле убиени или оставени во дивината, додека женските биле чувани и подучувани на лов и воени вештини. Исто така, им се припишува дека носеле панталони, се тетовирале, измислиле воени секири, но и дека ја отсекувале десната града за полесно да се справат со лакот и стрелата.

Според една легенда, овие страшни воинки живееле во областа Понт во близина на Црното Море, каде што основале кралство под водство на кралицата по име Иполит. Покрај ова кралство, тие наводно основале многу градови од Блискиот Исток како Смирна, Ефес, Синоп и Пафос. Се верува дека во далечното минато живееле во земјата на Скитите, во близина на Азовското Море, и дека подоцна се преселиле во областа на денешна северна Турција.

Долго време се мислело дека овие приказни и древни сведоштва се само легенди и митови и оти имаат мала основа во реалноста и историските факти. Меѓутоа, неодамна – токму во областа каде што Есхил, Херодот и грчките митови го сместувале домот на предците Амазонките – тим истражувачи од Институтот за археологија на Руската академија на науките дошле до  извонредно откритие. Имено, руските археолози во гробница во западна Русија пронашле остатоци од четири човечки скелети закопани заедно со воена опрема: врвови од стрели, копја и седла. Се испостави дека ова се остатоци од жени – скитски воини кои живееле пред 2500 години!

Валериј Гуљајев, водечкиот автор на ова истражување, го нарече ова откритие единствено и посочи дека тоа покажува оти жените и мажите во скитското општество имале речиси еднаков третман.

„Амазонките се вообичаен скитски феномен. Сите погребни ритуали што биле изведени за мажи, биле изведени и за жени“, вели тој.

Сепак, ова не е прво или единствено откритие кое обезбедува докази дека Амазонките не се само мит. Ерменските истражувачи, на пример, пред три години пронашле остатоци од 20-годишна жена, која очигледно починала во битка. На нејзината нога, нашле врв на стрела, а нејзините коски и бутни мускули имале структура што покажува дека јавала коњи.

„Одамна се претпоставуваше дека митовите за Амазонките што ги кажале Грците биле само измислица“, вели Адријан Мејор, професор на Универзитетот Стенфорд и автор на книгата ‘Амазонки: живот и легенди на жени воини низ античкиот свет’. Денес имаме доказ дека овие жени навистина постоеле и дека животот на овие воинки навистина влијаел врз идеите што ги имале старите Грци за Амазонките.

Археолозите велат дека овие жени биле од различна возраст, што го прави откритието уште позначајно – ова е првпат истражувачите да пронајдат скитски жени од различни генерации закопани заедно во една гробница. Најмладиот воин имал помеѓу 12 и 13 години, што покажува дека скитските девојки биле обучувани за војна уште од рана возраст, исто како и момчињата. Другите две жени имале дваесетти години кога починале, а последната била помеѓу 45 и 50 години.

Најстарата воинка носела златен церемонијален шлем, украсен со цветни орнаменти. Ова е првпат истражувачите да пронајдат толку добро сочуван скапоцен шлем на главата на воинот. Имено, тоај сам по себе содржи помеѓу 65 и 70 проценти злато, што е далеку поголема количина на овој скапоцен метал отколку што обично може да се најде во накитот што го носеле Скитите. Ова само го покажува статусот што го имал овој средовечен воин во скитското општество.

Поддржете ја нашата работа: