(ВИДЕО) Песок од Сахара деновиве на небото над Европа

Заедно со трагичната украинска војна и Ковид кризата, бран од сахарски песок сега лебди над Европа. Сателитските набљудувања на атмосферата над нашиот континент бележат вистинска песочна бура на небото. Според европската мониторинг програма Коперник, во моментов се случува една од најсилните епизоди на песок над Европа во последно време.

Во меѓувреме, долу на земјата песочната магла ја намали видливоста, мерните станици забележаа рекордни вредности на аеросоли во воздухот, а еколошките организации почнаа да предупредуваат за зголемено загадување.

Ситуацијата е слична скоро во цела Европа. Поточно, песокот во повисоки концентрации го погоди западниот дел на континентот, а во Шпанија песокот направи вистинска катастрофа претходните денови.

Изгледа збунувачки, но песокот од Сахара природно пристигнува на долги растојанија. Иако најголемата пустина на земјата е оддалечена илјадници километри од нас, насекаде има песок во околниот воздух кој потекнува од Сахара. Имено, за само една година од Сахара во атмосферата се креваат 20 до 600 милиони тони песок, а оваа пустина е најголемиот извор на минерална прашина на Земјата.

Поради конвекцијата, сахарскиот песок се издигнува на големи височини над топлите делови на пустината, а потоа од ветровите се расфрла во многу далечни делови од светот. За нас најважно е тоа што преку Медитеранот стигнува до нашиот регион и паѓа врз Европа. Понекогаш создава вистински песочни бури или дождови, па видливо, како што е случајот деновиве, ги загадува и градовите.

Песокот од Сахара претставува одреден ризик за воздушниот сообраќај, а за време на големи епизоди, тоа е непријатна опасност по здравјето. Но, како и другите природни феномени, песокот е истовремено корисен за многу процеси во атмосферата. Се спушта и до Карибите, Централна Америка и стигнува до Амазон. Всушност, песокот игра многу важна улога во приливот на хранливи материи во амазонската прашума, а утврдено е дека во него живеат одредени видови габи и микроорганизми кои патуваат од едниот до другиот крај на светот. Исто така, песокот што паѓа на водните површини е од клучно значење за планктонот во океанот и е клучен фактор за синџирот на исхрана во Атлантикот.

Истражувањата потврдуваат дека овој аеросол значително влијае на формирањето на облаци и врнежите, бидејќи малите честички од песок се јадрата за кондензација, околу кои се формираат и растат ледени кристали, а со тоа и капки дожд.

Поддржете ја нашата работа: